1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија е чекор напред кон ЕУ

8 декември 2009

ЕУ ја одблокира трговската спогодба со Србија, нејзината имплементација би требало да стапи во сила на 1 јануари 2010 година. Советот на министри на ЕУ изрази загриженост поради развојот на политичката ситуација во БиХ.

https://p.dw.com/p/KwTN
Фотографија: AP

До јуни наредната година и новата проценка за соработката на Србија со Хашкиот трибунал, одложена е одлуката за почетокот на ратификацијата на Договорот за стабилизација и асоцијација на Србија и ЕУ.

До одлуката за деблокада на Трговската спогодба дојде по презентацијата на главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц, кој во разговор со европските министри во Брисел ја оцени позитивно соработката на Србија со Меѓународниот суд за воени злосторства. Холандскиот министер за надворешни работи Максим Ферхаген, по одлуката за деблокада на Трговската спогодба изјави:

„Минатиот јуни го прашав господинот Брамерц дали Србија прави се` што може во сорботката со трибуналот во Хаг. Тој тогаш ми одговори дека Србија може и повеќе. Сега, на истото прашање, ми одговори дека српските власти прават се` што е во нивна моќ, како и дека луѓето што се занимаваат со сорботката со Трибуналот се сериозни и посветени на нивната работа, иако работат во тешки и опасни услови.“

Maxime Verhagen
Максим ФерхагенФотографија: AP

Момент за поддршка на Србија

Ферхаген изјави дека е момент да се стимулира таквиот позитивен развој на ситуацијата во Србија, но додаде и дека е неопходно да се продолжи притисокот врз Србија за да се одржи ваквото задоволително ниво на соработка со Хаг. Најважното прашање, според Ферхаген, останува апсењето на Младиќ и Хаџиќ. Шефот на холандската дипломатија најави дека за шест месеци ќе биде направена нова проценка на соработката на Србија со трибуналот во Хаг и, доколку тој извештај биде позитивен, би можело да се пристапи кон ратификација на Договорот за стабилизација и асоцијација.

Советот на министри е загрижен поради БиХ

Што се однесува до можното поднесување на кандидатура на Босна и Херцеговина за членство во ЕУ, Советот на министри на Унијата уште еднаш повтори дека за тоа неопходен услов е трансформацијата на Канцеларијата на Високиот претставник (ОХР). Иако европските министри сметаат дека уставните реформи не се предуслов за затворање на ОХР, се истакнува дека Босна и Херцеговина мора да го донесе пакетот уставни реформи за да создаде функционална држава и да ја усогласи уставната рамка со Европската повелба за човекови права. Советот на министри на ЕУ уште еднаш изрази загриженост поради развојот на политичката ситуација во БиХ. Неопходни чекори за напредок на земјата, како што се вели, се „заедничката визија за заедничка иднина“ и политичката волја да се исполнат условите за евроинтергација на земјата.

Автор: Марина Максимовиќ/Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска