1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија е поинтересна за инвестиции од Македонија

2 декември 2010

Првиот човек на Унијата на германските комори Михаел Шмит, кој е во посета на Македонија, предупредува дека за инвестиции е потребна јасна стратегија, и одвојување на политиката од економијата.

https://p.dw.com/p/QO8j
Фотографија: dpa/PA

Без правна сигурност, слободна конкуренција на пазарот и инвестиции во инфраструктурата Македонија не може да се надева дека ќе привлече големи странски инвестиции. Компаниите кои се присутни во земјата се жалат на проблеми главно од правен, но и финансиски аспект. Првиот човек на Унијата на германските комори Михаел Шмит предупредува дека за инвестиции е потребна јасна стратегија и одвојување на политиката од економијата.

„Државата како најголем инвеститор ги потиснува приватните инвеститори. Имаме компании кои се јавуваат на големи проекти, но не чувствуваме дека на пазарот има слободна конкуренција зошто проектите не ги добиваат оние кои ќе понудат најдобра услуга или производ. На ваквите проекти треба да им се даде можност, на големите фирми кои притоа повлекуваат и други фирми добавувачи, што значи и нови инвестиции. На тоа треба да се гледа како можност за привлекување на инвеститори.“

Германија е трговски партнер број еден на Македонија, но не и во делот на инвестициите. Освен Дојче Телеком или КНАУФ, речиси и да нема некоја друга голема германска инвестиција во земјата. Енергетскиот гигант РВЕ кој сакаше да инвестира во изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште се повлече од идејата откако шест тендери беа прогласени како неуспешни. Во вакви услови Шмит предупредува дека регионот на подолг период ќе остане неинтересен за големите германски инвеститори кои во моментов се главно ориентирани кон брзорастечките економии како Русија, Кина, Индија. Шансата треба да се гледа во малите и средни извозно ориентирани фирми, кои бараат пред се‘ сигурност:

Telekom Symbolbild mit Kamera
Дојче Телеком е еден од ретките големи инвеститориФотографија: AP

„Потребно е ефикасно судство, а на фирмите да им се гарантира правна сигурност. Не може постојано да се менуваат законите. Ова не е проблем само на Македонија, туку и на целиот регион“, вели Шмит.

Треба да се инвестира во инфраструктурата

За разлика од Македонија, Србија, на пример, е поинтересна за германските инвеститори, пред се‘ поради големината на земјата, но и нејзиното граничење со ЕУ. Затоа, според Шмит, е неопходно да се инвестира во инфраструктурата:

„Важно е Македонија да има добра инфраструктура, ефикасна северна граница кон ЕУ. Треба да се изгради автопатот и секако железницата, не само кој југ и север, туку и кон Албанија и Бугарија. Тоа се долгорочни процеси, но паралелно треба да се работи на поефикасно презентирање на земјата не само пред германските инвеститори, туку и кон целиот свет.“

Во германско-македонското стопанско здружение во Македонија членуваат 140 фирми. Најголем дел од нив се домашни компании.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска