1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија го чека рускиот МИГ?

Ивица Петровиќ/ Александра Трајковска24 мај 2013

Српскиот државен врв престојува во Русија. Клучни теми на разговорите се, покрај политичката поддршка на Русија околу прашањето за Косово, и најавеното купување на борбени авиони, што предизвика контроверзни дебати.

https://p.dw.com/p/18dL7
Фотографија: ATTA KENARE/AFP/Getty Images

Првиот вицепремиер на српската влада и министер за одбрана Александар Вучиќ веќе се сретна со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгум, додека претседателот на Србија, Томислав Николиќ, се сретна со рускиот претседател Владимир Путин. Судејќи според најавите во пресрет на посетата, клучните теми сепак се однесуваат на политичка поддршка на Србија, пред се' околу прашањето за Косово.

Поддршката на Русија секако многу и' значи на Србија, како во преговорите со Европската унија, така и во односите со земјите од регионот, оценува за Дојче веле надворешнополитичкиот коментатор на „Политика“, Слободан Самарџиќ. Секако останува големото прашање каков став сега ќе заземе Русија за нешто што се толкува како откажување на тврдата политика на Белград кон Косово. Судејќи според коментарите на руските медиуми, вели Самарџиќ, Русија нема ништо против договорот Белград-Приштина.

„Доколку тој договор навистина биде таков каков го претставуваме во Белград, и каков би требало да биде, и од сето тоа да не се изроди нешто сосема поинакво. Во тој смисол ја имаме поддршката на Русија. Бидејќи Русија е свесна дека Србија сепак му припаѓа на овој дел на Европа, и таа нема ништо против ние да бидеме дел од овој дел на Европа. Но секако, тоа да не биде на штета на Русија и таа преку Србија да може, преку 'Јужниот поток' и сето останато да тргува со овој дел на Европа и Европа во целина“.

Техничка, а не воена соработка?

Важен дел од посетата на Александар Вучиќ е посветен на договор за купување на руски воени авиони. Се преговара за купување на шест авиони од типот Миг 29-М2, како и радарски системи. Целиот аранжман, според некои проценки, би чинел околу 400 милиони долари. Оваа најава предизвика доста спротивствени коментари во политичката јавност - од тоа дека Србија авионите би требало да ги набави на Запад, па се' до прашањето зошто тие пари се трошат во време кога се најавува продолжување на буџетскиот дефицит на Србија.

Aleksandar Vucic
Александар Вучиќ се сретна со неговиот руски колега Сергеј ШогумФотографија: picture alliance / dpa

Слободан Самарџиќ на ова гледа како дел од некоја техничка соработка меѓу двете земји: „Побрзо на тоа би гледал како на техничка соработка на нашата и на руската воена индустрија, отколку на онаа класична воена соработка меѓу две земји: ние ви даваме оружје, па вие снаоѓајте се како знаете и можете“.

Русите не фрлаат пари в бунар

„Искрено се надевам дека посетата на Русија нема да биде во знак на барање пари од Русија, туку претставување на Србија како добро место за инвестирање“, истакнува за ДВ економистот Александар Стевановиќ. Од друга страна и српските и руските власти во текот на изминатите години се расфрлуваа со бројки околу руските кредити и финансиска помош за Србија, вели Стевановиќ.

„Изгледа дека Русите сепак не сакаат да фрлаат пари в бунар. Луѓето едноствано рационално проценуваат дали нешто им се исплати или не, и зад слоевите на таа братска љубов се крие прилично јасно дефиниран руски интерес. А Србија не е на радарот на нивниот интерес, во тоа сум целосно сигурен. Така што на крајот не очекувам дека ќе дојде нешто претерано од Русија, што на крајот на краиштата и не е лошо, оти делува отрезнувачки. Доколку праќаа многу повеќе од тие изливи на љубов, можеби не би имало толку подготвеност да се реши прашањето за Косово, туку можеби така би се продолжило со години. Од таа страна и не е толку лошо што Русија не сака претерано да и‘ помага на Србија“.

Vladimir Putin und Tomislav Nikolic in Moskau
Томислав Николиќ се состана со Владимир Путин во Сочи каде е потпишана Декларација за стратешко партнерство меѓу двете земјиФотографија: REUTERS

Александар Стевановиќ смета дека националната безбедност никогаш не е скапа, и дека така гледа и на купувањето на руската воена опрема: „Од таа страна навистина немам ништо против тоа, иако повеќе би сакал повеќе да сме свртени кон организацијата која многу подобро може да ни гарантира слобода и независност, а тоа не е оваа група и тоа не е Русија. Но порано или подоцна ќе го сфатиме тоа“.

И со руски авиони во НАТО?

Критичарите на зделката велат дека не се знае што Србија купува со тоа, авиони или некаква политичка поддршка на Русија? „Кај нас се'уште постои потреба да се глуми политиката на Јосип Броз“, оценува Стевановиќ. Тоа е вели, во сегашниот момент прилично смешно: „Ниту Русите не‘ ценат поради тоа што го правиме, константно и пикаме прст в око на Америка поради тоа што го правиме, и на крајот на краиштата ние ќе го платиме тој егзибиционизам. Ова е само одраз на нашето лутање во надворешната политика. Но на сета среќа, во овој случај нема да платиме претерана цена, оти и со тие авиони кои ги купуваме, тие можат да бидат дел од некоја наша евентуална иднина во НАТО. Имено и други земји влегоа во НАТО со руски авиони, така што тоа не е проблем“.