1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија во очекување на Ахтисари

1 февруари 2007

Претседателот на Србија, Борис Тадиќ ќе биде едниствениот српски политичар кој ќе се состане со специјалниот претставник на ОН Марти Ахтисари. И покрај одбивањето на премиерот Воислав Коштуница да се сретне со Ахтисари, српскиот врв демонстрира единствена и усогласена политика во врска со косовското прашање.

https://p.dw.com/p/Abze
Белград
БелградФотографија: AP

Српскиот пртеседател Тадиќ на специјалниот претставник на ОН Ахтисари, ќе му го соопшти српскиот став но нема да влегува во дебата околу неговиот предлог, изјави советникот на Тадиќ, Леон Коен, во телевизиски настап на државната телевизија. Тој додаде дека властите во Белград прво мора да видат што ќе содржи предлогот пред да шпекулираат околу тоа каков ќе биде нивниот одговор. „Предлогот на Ахтисари е само едно видување за идниот статус на Косово. Во моментот кога тој ќе го предаде предлогот неговата улога завршува. Тежиштето на решавање на проблемот ќе се пренесе во Њујорк и на некои други места. Нема да се кршат големи копја за Косово под диригентска палка на Ахтисари”, изјави Коен.

Според Коен косовското прашање е “многу интернационализирано” и поради поделените ставови на светските сили во еден момент ќе мора да почне да се работи на компромис наместо на независноста којашто постојано се наметнува како тема.

Најавата на српскиот премиер Коштуница дека нема да го прими Марти Ахтисари бидејќи тоа е надвор од неговиот мандат на владата во заминување, за аналитичарите е лош потег.

Но, Коен нагласи дека позицијата со која ќе настапи претседателот Тадиќ е усогласен со премиерот Коштуница. Додуша вчера од кабинетот премиерот категорично демантираа дека имало каква било средба меѓу Коштуница и Тадиќ околу усогласување на ставовите.

И советникот на премиерот, Самарџиќ изјави дека е во постојан контакт со Коен, иако владините претставници во српскиот преговарачки тим веќе не се овластени да преговараат. Со настапот на Коен и Самарџиќ на српската државна телевизија, српскиот политички врв демонстрираше еднинство во однос косовското прашање, а целта им била да испратат порака до меѓународната и домашната јавност дека нема да има избрзани потези и дека Белград нема намера да се исклучи од процесот.