1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СП-фудбал 1930 – 2006: Уругвај прв шампион

Оливер Кох10 февруари 2006

„Бум“ на фудбалот по Првата светска војна: од еден од повеќето, се разви во спорт број 1

https://p.dw.com/p/AejV

Уште 118 денови, па „светот ќе дојде на гости кај пријатели“; толку имено, преостануваат до почетокот на втората годинашна голема спортска манифестација – светското фудбалско првенство, што под тоа мото го организира Германија. Со серија прилози секој петок за историјатот на досегашните шампионати полека ве воведуваме во пригодна атмосфера. Денеска сказалките на часовникот ги враќаме речиси осум децении наназад, во времето што му претходеше на првото светско првенство, со потсетник како воопшто дојде до него и кои репрезентации беа најуспешни.

На 1-ви април 1930-та година доживеа премиера еден филм што до денес остана во сеќавањето – Марлене Дитрих е „Синиот ангел“. На спортски план јунак на нацијата е боксерот Макс Шмелинг. Во њујоршкиот Медисон сквер гарден тој стана светски првак во тешка категорија. Еден недозволен низок удар на противникот, Американецот Џек Шарки, значеше крај на борбата а привремено и на девизата на Шмелинг: „Главно е дека Макс има здив“.

Покрај боксерскиот идол, во Германија се’ поомилен е и фудбалот. Сеќавања на Херберт Видмаер, некогашен претседател на Сојузот на германски фудбалски тренери: „Потекнувам од Кил во Холштајн, таму растев и знам дека уште во 20-тите години беа силни натпревари дуелите Холштајн Кил - Хамбургер. Во цела северна Германија сите места на стадионите беа распродадени. Луѓето на улица, мажите, во 20-тите и 30-тите години се идентификуваа со фудбалот и тој секогаш го задржа таквиот карактер - дека некако беше нешто посебно“.

Во прво време сепак само за едно елитно малцинство, како што објаснува доктор Карл Ленарц, историчар на спортот на германскиот Факултет за спорт во Келн: „Пред првата светска војна фудбалот беше само една од многуте спортски гранки, особено затоа што го играа најчесто академци. Голема промена настана по Првата светска војна, во 20-тите години на минатиот век, кога за само неколку години фудбалот се разви во спорт број 1, посебно кога во индустриските подрачја играчите доаѓаа од работнички слоеви и со тоа придонесоа нивните колеги да ги исполнат стадионите како гледачи. Се градеа големи стадиони, фудбалот доживуваше бум“.

Но, организираниот фудбал на меѓународен план уште беше во повој. Само на олимписките игри се среќаваа квалификуваните аматерски екипи. Светско првенство на сојузите-членови на светската асоцијација ФИФА се’ уште немаше. Во 1928-ма година 21 од 28-те сојузи здружени во ФИФА, чиј претседател беше Жил Риме, гласаа за организирање таков светски турнир. Противниците, меѓу кои беше и претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Феликс Линеман, сметаа дека аматери и професионалци не смеат заедно да учествуваат на едно натпреварување.

Пробеми имаше и кај изборот на домаќин на светското првенство – врз основа на силниот австриски ангажман за негово воведување експертите сметаа на Виена, а организацијата сепак ја доби Уругвај, олимписки победник во 1924-та и 28-ма, држава која ја славеше 100-годишнината од независноста.

Две години подоцна 13 тимови се натпреваруваа за титулата светски првак. Изостанаа најдобрите европски селекции, меѓу нив и германската; економската криза и невработеноста во Европа го оневозможија патувањето во Монтевидео. Аргентина со многу среќа ја елиминира Франција со 1 спрема 0, потоа во полуфиналето ги совлада и САД со 6 спрема 1. Исто толку висока победа забележа и Уругвај против Југославија. Во финалето Аргентинците во првото полувреме остварија водство од 2 спрема 1, но домаќинот направи превсрт во вториот дел и победи со 4 спрема 2. Така Уругвај влезе во историјата како прв светски шампион во фудбал.