1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спортска панорама

8 мај 2006

Баерн од Минхен едно коло пред крајот на фудбалското првенство по 20-ти пат ја освои шампионската титула. Михаел Шумахер триумфираше во трката за Големата награда на Европа во Нирбургринг и му се приближи на водечкиот Шпанец, Фернандо Алонзо на 13 бодови.

https://p.dw.com/p/Aeij
Баварците ја слават новата 20-та по ред титула
Баварците ја слават новата 20-та по ред титулаФотографија: AP

Фудбалерите на Баерн од Минхен во саботата ја освоија 20-тата титула шампион на Германија иако играа само нерешено 1 спрема 1 во гости со Кајзерслаутерн, во претпоследното 33 коло на Бундеслигата. Баварскиот тим ја обезбеди титулата откако првиот придружник Хамбург загуби во Берлин од Херта со 4 спрема 2 со што на едно коло пред крајот разликата остана 6 бода. Баерн така стана и првата германска екипа што ја освои двојната круна, откако во минатата недела во финалето на купот го совлада Ајнтрахт од Франкфурт со 1 спрема 0. Горд на успехот, тренерот на Баерн Феликс Магат изјави:

„Се разбира горд и радосен за постигнувањето на екипата во целата измината година. Секако, имаше и натпревари што не беа добри, но и тоа е нормално. Мислам дека постигнавме нешто единствено овде во Кајзерслаутерн со одбраната на првенството и со победата во купот. Оттаму, сезоната е извонредна и сите можеме да бидеме горди„.

Слично мислење има и капитенот на „Баерн„ голманот Оливер Кан:

„Мислам дека екипата постигна голем успех и тоа не само во оваа сезона, туку во овие две години. Постигнавме нешто што тешко се повторува: две титули и два купа. Потребна е екипа со посебни карактери, а не само со добри фудбалери. Само тоа не е доволно да се освои титулата, туку се потребни ментално силни луѓе„.

Инаку, во 33 коло неколку натпревари без од посебно значење, како за врвот така и за дното. Освоениот бод против Баерн на Кајзерслаутерн му даде шанса во директниот дуел в сабота против Волфсбург да се избори за опстанок. Волфсбург, кој има бод повеќе и игра дома, загуби од Штутгарт со 2 спрема 1, но токму бодот повеќе му дава можност и со нерешен резултат да се спаси. Дефинитивно лигата ја напуштаат Келн и Дуисбург. Уште една дилема ќе се решава во последното коло. Кој ќе оди директно во лигата на шампионите: Хамбург или Вердер кој го совлада отпишаниот Келн со 6 спрема 0. Решението ќе паѓа во директен дуел. Резултатите од другите натпревари помалку или повеќе се само за статистичарите: Арминија – Дуисбург 0 спрема 2, Баер – Нирнберг 2 спрема 2, со што Нирнберг дефинитивно се спаси; Дортмунд – Ајнтрахт 1 спема 1, бод што на тимот од Франкфурт исто така му донесе спас, и Мајнц – Шалке 1 спрема 0, со што и Мајнц избори опстанок.

Формула 1:

Се чини Ферари одново има силен и конкурентен болид. На вчерашната трка во Нирбургринг, нивниот прв возач Михаел Шумахер по вторпат едноподруго стигна прв на целта и исто како во Имола, пред актуелниот првак и водечки во натпреварите, Шпанецот Фернандо Алонзо. Трката беше исклучително возбудлива: во првата половина и по првото менување гуми, Алонзо успеа да остане во водство, но по второто менување, Шумахер излезе пред Шпанецот и успеа да се одбрани. Трет беше Фелипе Маса од Ферари, кој пак успеа да се одбрани од нападите на Кими Раиконен од Мекларен Мерцедес. Во генералниот пласман и натаму води Алонзо со 44 бодови, пред Шумахер кој има 31 и Раиконен со 23. Следната трка е во идниот викенд за големата награда на Шпанија.