Спорот со името не е прв приоритет на ЕУ
16 февруари 2012Посетата на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во Стразбур се случи во важен момент кога европратениците ги усогласуваат ставовите за финалната верзија за резолуцијата за напредокот за Македонија во 2011, чие усвојување е предвидено за околу еден месец.
„Посетата беше искористена за запознавање на членовите на Европскиот парламент со тековните реформи во Република Македонија. Фокусирани сме на оние приоритени области кои ќе бидат исто така опфатени со пристапниот дијалог на високо ниво“, вели шефот на македонската дипломатија и додава: „Се обидуваме да го задржиме проширувањето како актуелна тема во услови во кои справувањето со должничката криза, речиси целосно ги доминира дебатите. Сметаме дека тоа ќе биде од исклучителна важност за задржување на кредибилитетот на Европската унија во целиот регион, исто како и во самата ЕУ“.
Има притисоци врз Грција, но на економски план
„Имавме многу добар разговор, зборувавме многу за Грција, за тешкотиите на Грција, но не за тие со Македонија, бидејќи таа сега има други грижи и ветив дека ќе ја посетам Македонија во текот на пролетва“, изјави за ДВ Жозеп Дол францускиот европратеник и претседател на групата на народните партии, еден од соговорницте на македонскиот министер.
„Вистина е дека во моментов во тешкотиите кои ги имаме со Грција, не е нашата прва грижа решавањето на спорот. Но, не го забораваме“, вели директно Дол.
Јоханес Свобода - новиот претседател на групата на социјалистите во ЕП и добар познавач на приликите на Балканот, не верува многу дека ќе биде направен брз напредок во деблокирањето на процесот на евроинтеграцијата на Македонија. „Не верувам, и не знам. Засега Македонија е таа која ќе треба да ја промени позицијата и ориентацијата кон компромис“.
Притоа, австрискиот европратеник признава дека во однос на деблокирањето на Македонија не се врши голем притисок врз Грција. „Има многу притисоци врз Грција, но многу повеќе за економските и финансиските прашања“.
Статус-квото е опасно за стабилноста на регионот, тоа го заклучува Јоханес Свобода. „Вистина е тоа дека регионот е многу кревок како на економски, така и на политички план, има многу отворени проблеми во регионот. Добро е што ЕУ го зајакна своето присуство“.
Комисијата освен дијалог на високо ниво нема друга алтернатива со Македонија
Истовремено додека македонскиот шеф на дипломатијата се среќаваше со едни европратеници, дознаваме дека комесарот за проширување Штефан Филе имал средба зад затворени врати со други европратеници во Стразбур. Средба, на која како што ни беше речено од добро информирани извори, германските европратеници Дорис Пак и Бернд Поселт побарале објаснување од комесарот дали пресудата од Хаг ќе промени нешто во однос на евроинтеграциите на Македонија. Одговорот на Филе бил дека тоа нема да промени ништо во моментов, со оглед дека Македонија и посебно Грција се наоѓаат во тешки ситуации; дека владата на Груевски ја пропуштила можноста за да направи нешто на тој план минатата година и дека решавањето на овај проблем е препуштено на ООН.
Бернд Поселт не сакаше да зборува за состанокот со комесарот Филе, но крато одговори на прашањето дали Европскиот парламент и Комисија ќе се ангажираат повеќе во однос на пресудата на Меѓународниот суд од Хаг.
„Парламентот да, Комисијата не знам. Но, комесарот Филе подготвува посета на Македонија што ќе биде нешто позитивно“.
Одлуката на Судот од Хаг е недоволно позната
Во тој контекст и забелешката на известувачот во сенка за Македонија, словачкиот европратеник Едуар Кукан.
„Според мене, за што жалам, без да се најде решение за прашањето со името, ќе биде многу тешко да се најде решение кое ќе дозволи почеток на преговорите. И реално гледано такво решение нема да може да се најде“.
Притоа Кукан советува: „Сега имаме нов факт, кој е потребно многу посилно да се користи, тоа е одлуката на Меѓународниот суд на правдата, кое многу јасно кажува дека Грција јасно го прекршила договорот. Според мене, тој факт не е доволно земен во предвид од земјите члнеки на Европската унија. Затоа е потребно пресудата да се користи како аргумент“.
Совет, кој го искористи министерот Попоски во дискусијата со членовите на работната група на Народните партии за проширување на ЕУ. Дискусија во која дојде до израз она што беше констатирано и на комисиските расправи за напредокот на Македонија, дека главната пречка за деблокирање на евроинтегративните процеси на Македонија е проблемот со името. Во дискусијата беа поддржани евроинтегративните процеси на Македонија, но со добро познатите забелешки од страна на бугарските и грчките европратеници на сметка на Македонија, во чија одбрана застанаа германските европратеници.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Александра Трајковска