1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорното советско воено наследство во Летонија

Б. Јохансмајер/ С.Недевски16 јануари 2014

Црвената армија се повлече од Летонија пред 20 години, а земјата потоа беше примена во ЕУ. Многу Летонци сакаат да го заборават советското минато, но има и такви кои настојуваат овој период сепак да не биде заборавен.

https://p.dw.com/p/1AUML
Фотографија: DW

Фотографите Марис Руѕитис и Родион Родионов знаат да бидат многу упорни, особено кога е во прашање расветлување на сопствената зедничка историја. Летонецот и неговиот руски пријател решија да посетат еден таен воен град.

„Ако е вратата заклучена, ќе мораме да најдеме некој друг пат до воените објекти.“, вели Родион. Марис се надоврзува: „Најважно е историјата да не се уништи. Сѐ треба да остане во иста состојба како што било некогаш.“

Насекаде било ограбувано и уништувано. Оваа населба веќе долго е препуштена сама на себе. Марис и Родион го фотографираат местото во кое во социјализмот децата на советските војници посетувале настава.
„За 10 години нема ништо да остане. Кога луѓето тогаш ќе слушнат за воениот град Скрунда, барем ќе можат да ги видат нашите фотографии“, се надева фотографот Марис.

Поделени мислења

Летонија 50 години беше окупирана од Црвената армија. Во Скрунда живееја повеќе од 500 советски војници со семејствата. Од таму го контролираа воздушниот простор на северозападна Европа. По стекнувањето независност, радарските станици се размонтирани и уништени.

Lettland Schulbücher Zerfall der Sowjetunion Domplatz
Фотографија: Aleksej Romanov

„Дали Летонија била окупирана или не? Дали тоа време било добро или лошо? За мене веќе не е важно. Како и да било - тоа е наша историја“, истакнува Родион.

„Многумина од Летонците ја сметаат окупацијата за лоша, но советската армија сакаше да нѐ брани, нѐ штитеше од непријатели“, вели пак Марис.

Во соседните места многумина сосем поинаку гледаат на овие работи. На Интс Фолкманис му било преку глава од советската окупација. Веднаш по повлекувањето на советската војска, како активист се залагал за уривање на радарската станица, сметајќи дека електромагнетните бранови го нарушуваат здравјето на луѓето. „Зошто во мојата земја, во мојата татковина, беше стационирана војска на странска земја? Таа мораше да си отиде. Радарската станица беше симбол на Студената војна“, вели Фолкманис.

Да се зачува историјата

Марис и Родион открија повеќе од 100 советски воени бази. Во поранешното воено пристаниште Лиeпаја уште во царско време била стационирана руската балтичка флота. Двајцата фотографи тука сретнале луѓе кои се борат за зачувување на старата градба, од која е направена бизарна туристичка атракција. Секој на своја кожа овде може од актерите во улога на затворски чувари да почувствува како некогаш биле казнувани непримерните морнари.

„Сакаме да покажеме дека е подобро луѓето да се држат едни со други, отколку да бидат препуштени сами на себе. Во советските времиња луѓето биле подбуцнувани едни против други. За грешката на поединец, сите морале да страдаат,“ вели Аинарс Меирис актер во улога на командант на затворот.

DW-TV Sendung Europanorama
Фотографија: DW

Заедно со голема група литвански туристи, Марис и Родион станаа затвореници. Иако целата престава им изгледа мрачна, тие констатираа дека и тоа е начин да се спаси од уривање една историска воена зграда. „Никогаш не сум доживеал вакво нешто. Ми горат нозете и ужасно сум возбуден. Но, денес сфатив дека комунистите сакале да ги понижуваат луѓето“, заклучува Родион, Русин, фотограф од Летонија.

На крајот на шоуто, Марис и Родион чувствуваат олеснување што излегоа од затворот. Решија да направат пауза и да ги постават новите фотографии на своите интернет портали. Имаат заедничка цел: да ја зачуваат историјата.