1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

070709 Marienthal

10 јули 2009

Неодамна во близината на Бон беше отворен музеј, кој сведочи за настаните од студената војна и блоковската поделба. Станува збор за дел од поранешниот таен бункер на германската влада во случај на атомски напад.

https://p.dw.com/p/IkSw
Долги бетонски тунели под земја: бункерот Мариентал кај БонФотографија: AP

Оние кои бараа заштита во владиниот атомски бункер во Мариентал мораа да минат низ две тешки врати на тркала. Тоа се колоси од по 25 тони челик и бетон, коишто требаше да го заштитуваат влезот во бункерот од напад со атомско оружје. „Целта на овој бункер беше при атомски напад на Бон да не мора веднаш да капитулираме, туку да имаме влада способна за дејствување барем уште 30 дена по евентуалниот напад“, објаснува Волфганг Милер, поранешен соработник на германското министерство за одбрана.

Цел месец требаше во бункерот да биде обезбедено функционирањето на виталните државни органи, почнувајќи од претседателот и канцеларот, преку парламентот, се` до виталните министерства. За таа цел, под земја беше изграден лавиринт од ходници и простории во вкупна должина од преку 17 километри. Во нив имаше посебни извори на чиста вода, дизел генератори за електрична енергија, посебни филтери за воздух и доволно прехрамбени производи. Секоја машина беше обезбедена со резервни делови, може да се каже дека секое шрафче го имаше во двојна изведба.

Regierungsbunker Marienthal
Спалната соба на канцеларотФотографија: DW

Подземен град

Овој подземен град на длабочина од околу 110 метри под површината поседуваше кантина, сали за операција, командни центри. Беше создадено дури и телевизиско студио, печатница, па и фризерски салон. Се` на се`, овде требаше најмалку еден месец да престојуваат и добро да функционираат околу 3.000 лица, на кои им стоеја на располагање 900 канцеларии и 940 спални соби. „Имаше најмногу соби со четири кревета, како и неколку трикреветни. Само канцеларот и претседателот на државата имаа еднокреветни. Онаа на канцеларот имаше и туш кабина, а другата на претседателот беше опремена со када“, се потсетува Паул Грос, бравар кој цели 30 години беше вработен во тимот што го одржуваше атомскиот бункер. Тој се грижеше конкретно за шахтите за дотур на свеж воздух: „Секој имаше велосипед, ги имавме вкупно 180, бидејќи растојанијата што ги минувавме речиси секој ден беа огромни.“

Почеток на изградбата

Изградбата на атомскиот бункер во Мариентал, 25 километри јужно од Бон ја побара НАТО сојузот, на кој Сојузна Република Германија му пристапи во 1955. Почетокот на изградбата беше во 1962, кога беа прво поставени заштитни ѕидови во висина од 20 метри, за да не се гледа во градилиштето: „Вакво градилиште со околу 2.000 работници не беше лесно да се скрие, како што тоа го посакуваше сојузната влада. Населението овде во Артал секако знаеше дека овде нешто се крие, но не можеше да открие за што поточно станува збор“, нагласува Волфганг Милер, соработник на проектот.

Ehemaliger Regierungsbunker Bad-Neuenahr Ahrtal
Паул Грос, технички раководител на поранешниот владин бункерФотографија: dpa

Малку кој ја знаеше и предисторијата на атомскиот бункер. Тука од порано постоеше долг тунел со железничка пруга, уште од времето на царот. Тој му служеше за тајно довлекување оружје и војници во близината на француската граница. По Првата светска војна воениот тунел падна во заборав, а подоцна се користеше за одгледување печурки. Но, нацистите го реактивираа и овде создадоа подземна фабрика за лансирни рампи за ракети, во која имаше принудни работници: „Тоа е всушност најтемното поглавје на историјата на овој бункер. Во близината беше создаден логорот Ребшток, како филијала на концентрациониот логор Бухенвалд. Овде беа сместени околу 500 лица во дрвени бараки, кои беа принудени да работат под нечовечки услови.“

По Втората светска војна, влезовите во тунелот ги минираа сојузничките сили, со намера тој никогаш повеќе да се користи за воени цели. Таквата желба додржа само неколку години: веќе од 1962 почна изградбата на атомскиот бункер, а веќе од 1966 во него редовно се одржуваа вежби, секои две години. За таа цел околу 2.000 соработници по две недели минуваа во новиот бункер. Од 1977 година на вежбите учествуваше и Волфганг Милер. „Политичарите од повисок ранг добиваа двојници, нив во вежбата ги заменуваа државни секретари.“

Попусто фрлени пари?

Deutschland Marienthal im Ahrtal Regierungsbunker als Museum
Посетители на музејот, што прикажува само мал дел од атомскиот бункерФотографија: AP

Во подземниот бункер никогаш не стапна ниту еден германски канцелар или претседател на државата. Времето покажа дека сите вежби биле попусто, исто како и целиот неверојатно скап владин бункер. Ако не поради друго, тогаш затоа што силата на атомските бомби набрзо ја надмина онаа на бомбата што Американците ја фрлија врз Хирошима. А бункерот на германската влада беше конципиран да штити токму од бомби до 20 килотони.

По крајот на студената војна и распадот на источниот воен блок, владата го стави под знак прашање натамошниот опстанок на бункерот. Во 1997 падна одлуката тој да биде затворен, посебно затоа што владата и парламентот се преселија во Берлин. Од 2001 подземниот град постепено беше размонтиран, останаа само бетонските ходници од цели 17 километри: „Тие уништија се` што се одржуваше со години. Тоа за мене беше како некој да ми забоде нож в срце“, признава на крајот Паул Грос.

Сега останаа достапни само околу 200 метри од бункерот, кои служат како меморијал за ерата на студената војна.

Автор: Рихард Фукс / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска