1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменикот во Прешево урнат со поддршка од Западот

Немања Рујевиќ/Б. Георгиевски21 јануари 2013

Припадниците на српската жандармерија во неделата го отстранија споменикот на припадниците на ОВК во Прешево. Соговорниците на ДВ сметаат дека е тоа логичен потег изведен со поддршка на западните земји.

https://p.dw.com/p/17O6A
Фотографија: AFP/Getty Images

Амбасадорите на САД и на земјите од ЕУ во неколку наврати подвлекуваа дека прашањето за споменикот во Прешево е внатрешно прашање на Србија. Според главниот уредник на „Политика“, Драган Бујошевиќ, очигледно постоело меѓународно посредување, особено имајќи ја предвид посетата на премиерот Ивица Дачиќ на Брисел каде разговараше со Кетрин Ештон и американскиот дипломат Филип Рикер.

„Апсолутно сум сигурен дека владата ова не би го сторила без согласност од западните сојузници“, вели Бујошевиќ за ДВ.

Тешко до консензус

Според професорот на Факултетот за политички науки, Драган Симеуновиќ залудно е да се бара консензус околу тоа дали борците на ОВПМБ се злосторници или херои. Клучно, според него, е што тоа се случува на територијата на Србија.

Serbien Demonstration von Kosovo-Albananern
Демонстрации во Приштина против уривање на споменикотФотографија: AFP/Getty Images

„Иако екстремистите од југот на Србија се амнестирани, политичарите кои ја водат Србија добро знаат дека во главите на мнозинството обични граѓани, таа амнести не постои. Треба да се разбере дека српските власти се под голем меѓународен притисок побрзо да се решаваат нештата околу Косово. Оттука на Владата и беше потребен и адекватен политички успех, доказ дека се свои на своето“, вели Симеуновиќ. Тој сепак не мисли дека по оваа акција, српската влада ќе тргне во уривање и на други слични споменици на ОВК низ земјата, за кои засега само срамежливо се најавува дека постојат.

„Нема да се случи „лов на споменици“ затоа што не е во прашање идеологија туку политички прагматизам. Значи нешто што е истакнато на јавно место, што се гледа, од што новинарите можат да создаваат одредено расположение, различно кај Србите и Албанците. Поради тоа со спомениците мораа да се занимаваат политичарите“, вели Симеуновиќ.

Сецесијата нема шанси за успех

Случувањата околу спорниот споменик повторно ги наведоа албанските лидери од југот на Србија да зборуваат за припојување на нивните општини кон Косово. Српските аналитичари сметаат дека таквите обиди немаат шанси за успех.

Presevo Serbien albanisches Rebellendenkmal wird abgerissen
Споменикот во ПрешевоФотографија: AFP/Getty Images

„Албанците од југот на Србија можат да имаат какви сакаат намери, но без меѓународна поддршка нивните ставови секогаш ќе бидат толкувани како екстремизам или, доколку се претворат во оружена борба, како тероризам“, вели Симеуновиќ и како пример го наведува бунтот на ОВПМБ во 2001. година, кога Албанците не добија никаква поддршка од меѓународната заедница.

„Во наредниот период во Бујановац, Прешево и Медвеѓа ќе доминира албанското незадоволство. Ни државата Србија, ниту било кој, не може да асимилира една заедница која тоа не го сака. Тоа е проблем кој и западноевропските земји го имаат со муслиманите, а тие земји имаат и далеку поголеми цивилизациски, културни и економски можности тоа да го сторат. И покрај тоа, тие не успеваат во доволна мерка“, заклучува Драган Бујошевиќ.