Спектакуларен рекорд на ДАКС-индексот
25 октомври 2013Германскиот индекс на акции ДАКС денеска првпат во историјата ја надмина границата од 9.000 поени. На почетокот на годинава, која ДАКС ја започна со 7800 поени, ваквата вредност се чинеше незамислива. Во меѓувреме трговците со акции зборуваат веќе за новата граница која треба да се достигне - 10.000 поени се можни на крајот на 2014-та.
Новите височини на ДАКС се можни благодарение на лабавата монетарна политика на централните банки и гладта за добивка на инвеститорите. Ликвидноста, која од САД и остатокот на светот се прелева кон Европа, ги подгрева пазарите на акции. Акциите се модерни, а меѓународните инвеститори ги посакуваат пред сѐ германските акции, објаснува набљудувачот на случувањата на пазарот на акции, Даниел Зауренц од Фајнголд Рисрч. Позицијата на германските фирми во светот е добра, конјуктурата е сѐ посилна. Германската влада неодамна ја подигна својата прогноза за пораст за 2014 година и наместо со 1,6, смета со пораст од 1,7% од брутодомашниот производ. Освен тоа, се очекува и рекордно ниво на вработување, односно за 2014 година се прогнозираат 42 милиони вработени во земјата.