1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасот на еврото зависи од словачките пратеници

11 октомври 2011

По позитивниот исход на гласањето во парламентот на Малта, само уште Словачка треба да го прифати проширувањето на европскиот „чадор за спас“ на презадолжените земји од еврозоната. Но, таму „шкрипи“.

https://p.dw.com/p/12prt
Фотографија: DW

Словачката премиерка Ивета Радицова синоќа (10.10) се закани дека ќе поднесе оставка, доколку едната од трите партии на владината коалиција и натаму опстојува на одбивниот став за европскиот фонд.

Ставовите на трите партии на владејачката коалиција во Словачка се чинат непомирливи. Дури ни најновиот компромисен предлог на владеjачката партија на премиерката Ивета Радицова не донесе резулати и повеќечасовната седница што траеше до рано изутрина беше прекината без успех. Компромисниот предлог за партнерите од либералната партија Слобода и солидарност предвидуваше секое идно финансирање на спасувачки акции во еврозоната да подлежи на одобрение од словачката Влада и парламентарната комисија за буџет и финансии. Предлогот вклучуваше и формирање на специјална комисија од партиски експерти, кои ќе вршат оценка на позицијата на Словачка при одобрувањето заеми од страна на европскиот фонд за спас.

Но, неолибералната партија САС остана на негативниот став. Претседателот на партијата Рихард Сулик провокативно прашува: зошто сиромашната Словачка да ги финансира грешките на богатата Грција? 

NO FLASH Symbolbild Slowakei Euro Euro-Rettungsschirm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Очајнички обиди на премиерката

Премиерката Ивета Радицова, пак, ги нагласува обврските на Словачка кон партнерите од ЕУ и потсетува на предностите што Словачка ги има од членството во еврозоната. Радицова најави дека гласањето за чадорот за спас ќе го поврзе со гласањетоз а доверба на владата и не исклучи, ако е потребно, и повторување на гласањето. Доколку убедувањето да се гласа „за“ ЕФСФ на премиерката не и’ појде од рака, тогаш на европскиот фонд за спас му се заканува блокада во словачкиот парламент. Ако владиниот предлог не добие доволно гласови, тогаш ќе биде блокиран целиот европски проект за спас на еврото, со несогледливи последици.

Европскиот фонд за спас имено ќе може ефикасно да функционира со новите надлежности и со зголемениот обем од 440 милијарди евра само доколку согласноста ја дадат сите 17 земји членки на еврозоната. Меѓу функциите на фондот се наоѓаат навременото снабдување со кредити за земјите со потешкотии, откуп на државни обврзници, како и поддршка за загрозените банки од земјите членки. Овие инструменти се неопходни за стабилизирање на еврото, па дури и за опстанокот на еврозоната, оценија шефовите на држави и влади на претходниот самит во Брисел. Конечните одлуки за сите надлежности на проширениот фонд за спас меѓутоа ќе паднат на следниот самит на ЕУ закажан за две недели.

Автор: Килијан Кирхгеснер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска