1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спанковците бараат промена на работното време

Марен Бекер / Елизабета Милошевска Фиданоска28 март 2012

Кој рано рано, две среќи граби... Ранобудните вообичаено важат за повредни од оние што сакаат да поспијат подолго наутро. Истражувањата велат дека тоа не е така. Луѓето имаат само различен ритам.

https://p.dw.com/p/14SgT
Фотографија: Fotolia/Light Impression

Германија рано наутро. Милиони луѓе се мачат да станат од кревет и се подготвуваат за работа. Многу од нив радо би поспале уште малку. Мала анкета на улиците на Берлин:

„Денеска станав во 07:30.“

„Во 05:45.“

„Во шест“

„...иако сум спанка.“

„...да, уште сум уморен.“

„Не е мое време, радо спијам до девет.“

Живееме во диктатура на оние што стануваат рано, вели Бетина Хенинг, новинар од Хамбург. Таа пред десет наутро не може да мрдне. Затоа пак, многу долги ноќи има минато пишувајќи ја книгата „Кој рано рани, нека ми се откачи“. Пледоаје за наспивање.

Deutschland Symbolbild Büroschlaf
Фотографија: BilderBox

„Човештвото не може да живее под вакви услови. Луѓето мора да живеат спротивно на својот ритам, ненаспани се, не се концентрирани, лошо се расположени... се однесуваат токму онака како што се окарактеризирани - намуртени и не можат да мрднат. Но, всушност сите тие се луѓе кои работат ноќе и се креативци“, убедена е Бетина Хенинг.

Познати примери има доволно - Лучано Павароти беше познат спанко, исто како и браќата Каулиц од групата Токио Хотел. Радо спиел и Алберт Ајнштајн. Актерката Мерилин Монро го обожавала својот „сон за убавина“ - спиела до пладне.

Поддршка за спанковците дава и науката. Дитер Кунц од Берлин е еден од најреномираните истражувачи на сонот. Сознанието вели дека оние што спијат долго не можат поинаку. Нивната нерасположеност наутро е генетски условена. И Кунц наутро поспива подолго.

Symbolbild Gähnen Müdigkeit Schlaf
Фотографија: Fotolia/Tino Hemmann

„Времето на најдобра ефективност е определено од систем на внатрешни часовници и притоа типовите на луѓе кои сакаат да спијат наутро се најефективни навечер. Овие луѓе, кои всушност најдобро се наспиваат меѓу три часот наутро и 11 претпладне, мораат во текот на неделата да стануваат во 5, 6 или 7 часот, што за нив значи временска разлика како кога се лета за Њујорк или Токио“, вели доктор Кунц, кој работи во болницата „Санкт Хедвиг“ во Берлин.

Секој втор човек се чувствува постојано како на лет на долги релации, зашто нашиот живот е определен од станување рано - во канцеларија, на училиште или на лекар - секаде се почнува прилично рано. Општество на уморни луѓе.

Zeitumstellung Junge Frau mit Wecker
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Итно ни е неопходна револуција на спанковците, затоа што вака се губи голем економски потенцијал. Митот дека ранобудните се подобри луѓе, дека се повредни, се зацврстил многу со текот на времето“, објаснува Бетина Хенинг.

Но, митот се ниша. Како да се работи и живее според сопствениот такт? Одговори бараат и претпријатијата.

Во берлинското списание за мода „7трендови“ е направен и чекор подалеку. Коосновачот Себастијан Зиглершмит сака да спие подолго наутро и сакал да создаде фирма во која никој нема да мора да го „лаже“ својот внатрешен часовник.

„Зошто ни се потребни цврсто определени работни времиња? Секој човек се разликува. Некои се ранобудници, некои се будат доцна, па така дојдовме до одлука - секој да доаѓа и да си оди кога сака“, вели Зиглершмит.

Wecker
Фотографија: Fotolia/Fabian Petzold

Така гласи теоријата, но либералниот систем брзо наишол на пречки. Зиглершмит објаснува:

„Кога некој што дошол наутро во шест и сака да сработи нешто со тимот, мора да чека 4 часа додека не дојде и другиот. Тоа е тешко. Тука е и проблемот со надворешните партнери. Ако некој бара некого овде во 9 часот наутро, а во Германија е едноставно така вообичаено, тогаш очекува и да најде некого.“

Значи за спанковците како Бетина Хенинг има уште многу работа. Утре наутро таа повторно ќе се бори за нивните права, но никако пред 10 часот!