Со фудбалот се заборава на се‘!
22 јуни 2010Измешани навивачки страсти, уживање во мондијалските случувања. Се заборава на се‘, па и на тропските горештини овие денови во Македонија. Уживање во сликите од Јоханезбург, Преторија, Кејптаун, Рустенбург...иако фудбалот што се игра и не којзнае каков!
Кога се на сцена Бразилците, никој не е рамнодушен. Атмосферата во еден од познатите спортски центри во Скопје е вжештена. Како се доживува Мундијалот?
„Со Италија никогаш не се знае“
Еден од најдобрите македонски одбојкари, некогаш славниот Љупчо Макеларски, не пропушта ниту еден меч:
„Светските првенства ги следам уште од 1966 година,откако почнаа да се пренесуваат на телевизија. Се сеќавам и на шампионатите претходно во 1958 –та година, во Шведска и 1962-та во Чиле.Ова светско првенство ми остава добар впечаток. Очекувам во наредната фаза уште подобар фудбал. Типувам на Аргентина дека ќе биде светски првак, иако мој фаворит е Италија, репрезентација со која никогаш не се знае.
„Навивам за Шпанија“
Средба и со Стефан Гешоски, кошаркарскиот репрезентативец на екс-Југославија:
„За мој вкус, овој период од првенството не е многу атрактивен! Се игра на резултат, за бодови. Ме изненади лошиот старт на Франција и на Италија. Прогнозирав дека Шпанија ќе победи. Играше одлично и на Европското првенство и во квалификациите за Светското првенство. Би сакал Шпанците да триумфираат, иако постојани фаворити се Аргентина и Бразил.“
„Изостанува очекуваниот фудбал“
Светското првенство од стручен агол,од позиција на Никола Илиевски, екс-селекторот на македонската фудбалска репрезентација, изгледа вака:
„Треба да бидеме задоволни од успешниот старт на светското првенство, затоа што се стравуваше од можни безредија, од случувања во и надвор од стадионите, предизвикани од навивачите. Дали е влезен некаков страв кај играчите, не знам, бидејќи засега кај нив се чувствува резервираност во играта, ја нема слободата на движењата. Можеби е тоа една од причините што изостанува очекуваниот фудбал!“
Ова е Мондијал на неочекувани резултати. На прашањето - на што се должат тие, Илиевски вели:
„Квалитетот на фудбалот, од аспект на тактика и физичка подготвеност, веќе е горе-долу присутен кај сите фудбалери,кои играат во силните европски клубови. Тоа значи дека системите и тренажниот процес им се добро познати. Тоа значи добра подготвеност! А кога се во прашање игрите за репрезентација постои и мотив повеќе, особено кај помалите држави. Тие засега добро им парираат на фаворитите!“
Обложувалници - обложувачи 1:0
Никола Илиевски очекува финале Јужна Америка-Европа, се‘ едно дали тоа ќе биде натпревар меѓу Аргентина и Германија или Бразил против Србија или Холандија. „Тоа се моите 5-6 фаворити во кои јас го гледам новиот светски шампион“, вели Илиевски.
Засега омразени, но истовремено многу посетувани места се десетиците и десетиците обложувалници низ Скопје. Исходот од вечната битка меѓу букмејкерите и обложувачите е дискреционо право на едните и другите. Засега сјајот на лицата на газдите на обложувалниците зборува се‘. Кај ловците на лесна заработувачка е молк. Кој води, не е тешко да се погоди.
Автор: Златко Калински
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска