1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со кого Груевски ќе состави влада?

16 јуни 2008

По прегласувањето извесно е дека коалицијата на ВМРО ДПМНЕ ќе има 63 пратеници, на СДСМ–27, ДУИ добива 18 пратенички места, додека ДПА има 11. Главната дилема во наредните денови гласи – кој ќе биде дел од новата влада?

https://p.dw.com/p/EKFF
Никола Груевски со дилема која ќе трае можеби и повеќе од неколку денаФотографија: AP

„Република Македонија успешно го положи тестот што требаше да го положи и сметам дека вкупната оценка за изборите одржани на 1-ви и на 15-ти јуни е позитивна“, оцени претседателот на Државната изборна комисија, Јован Јосифовски.

Повтореното гласање, кое се одвиваше под будното око на набљудувачите и дипломатите, се одржа во 183 избирачки места од вкупно 187, а одзивот изнесувал 48,9%.

Оценката на меѓународните набљудувачи е многу попозитивна од претходната, дадена по гласањето на први јуни. Изборите вчера покажаа значително подобрување по клучното прашање на безбедноста, изјави Пиа Кристмас Молер, специјален координатор на краткорочните набљудувачи на ОБСЕ. Според шефот на долгорочната набљудувачка мисија на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, Роберт Бери, државните институции треба да сторат повеќе и да побараат одговорност од сторителите на акти на насилство и казниви дела поврзани со изборите, вклучувајќи и отстранување партиски активисти кои вршат високи политички функции.

ДУИ, инаку, по трет пат е победник кај албанскиот електорат и бара да биде дел од новата коалициона влада. Но, ДПА и Мендух Тачи беа досегашниот традиционален партнер на ВМРО ДПМНЕ. Како ќе изгледа влада е неизвесно, но едно е сигурно – премиерот Никола Груевски ќе биде под голем притисок.