1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со карневалот „се вртат“ милијарди

Клаус Дојзе / Зоран Јордановски11 февруари 2013

Од карневалски костим до трошоци за хотел - германските карневалисти во „петтото годишно време“ трошат речиси две милијарди евра. На карневалски центри како Келн ова им носи дополнителни даночни приходи.

https://p.dw.com/p/17bE0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Карневалот во Германија мобилизира милиони луѓе, а тие пак мобилизираат милиони евра. Лудувањето во сезоната на карневалите, таканареченото „петто годишно време“, е капитален економски фактор. Од пазарностопански аспект, карневалот, кој на југот на Германија се нарекува „фастнахт“, има извонредна позиција; „хелувин“, празник на кој луѓето исто така се маскираат и костимират, нема никакви шанси да биде вистинска конкуренција, вели Јан Визеке, маркетиншки експерт и професор на Универзитетот Рур од Бохум.

Според наводите на Здружението на германските карневали (БДК), годишниот промет за организираното лудување достигнува речиси две милијарди евра. БДК опфаќа 2,6 милиони карневалисти, организирани во околу 4700 карневалски друштва. И, не се само тие што посегнуваат длабоко во џебот за време на прекрасните денови на лудување. Главните карневалски центри како Келн, Диселдорф или Мајнц привлекуваат и милиони посетители, кои ги полнат со пари касите на хотелите и гастрономијата. Уделот на туристите во карневалскиот бизнис експертот Визеке го проценува на стотици милиони. „А тука уште има голем потенцијал“, вели тој.

Карневалистите ги подобруваат и даночните приходи

Една карневалска сезона само во Келн носи просечен промет од преку 460 милиони евра, од кои 165 милиони во гастрономијата и хотелиерството. За костими карневалистите секоја година трошат околу 85 милиони евра. А во градот Келн и околните општини за само неколку недели од карневалот се слеваат пет милиони евра од дополнителен данок за стопанска дејност.

Karneval in der Bundesliga 2012
За костими карневалистите секоја година трошат околу 85 милиони евраФотографија: Getty Images

Освен тоа, карневалот го поттикнува и пласманот на стоки на производителите на слатки работи, дури и од други сојузни покраини, како Долна Саксонија и Бранденбург. Така, од карневалската поворка (на „розенмонтаг“ - годинава на 11.02.2013) во Келн кон публиката се фрлаат и до 330 тони бонбони, 700 илјади чоколади и 220 илјади кутии со чоколадни бонбони. Во Диселдорф карневалските друштва фрлаат кон публиката преку 45 тони слатки работи.

Карневалот обезбедува 40 илјади работни места

За една народска традиција, две милијарди евра се забележителна сума, вели професорот Јан Визеке. Тоа е релевантно за споредни дејности, како производство на карневалски костими, оценува тој и додава дека и за „производителите на пијалоци е многу интересно да се позиционираат во тој период“.

Karneval 2013 Mainz Weiberfastnacht
Илјадници карневалски артикли носат милионска заработувачкаФотографија: picture-alliance/dpa

Од бизнисот со карневалот во Германија живеат 3000 претпријатија со преку 40 илјади соработници. Тоа и не е за чудење, објаснува економскиот експерт Јан Визеке: „Карневалската сезона е долга, а и подготовките за неа исто така. Тоа значи дека се малку месеците без карневал. Оттука, за некои бранши карневалот е де факто целогодишна манифестација“.

На пример, за фирмата „Келер“ од Бохум, која веќе 25 години ги снабдува карневалистите со костими и опрема. Карневалот е „бизнис со кој не се занимаваме само три дена, туку цела година - од набавка, преку комисионирање, до продажба“, вели Хорст Кроковски, раководител на фирмата.

Во неговиот асортиман за оваа сезона има преку илјада карневалски артикли. Ако продаде повеќе од еден милион поединечни артикли, уште пред „розенмонтаг“ тоа значи бруто-промет од 20 милиони евра. Но, освен за карневалот во Рајнската област, фирмата на Кроковски продава артикли и во источниот дел на Германија, па и во главниот град Берлин.

Секогаш ќе има причина за славење

Karneval 2013 Düsseldorf Rheinland Weiberfastnacht overlay geeignet
Една карневалска сезона само во Келн носи просечен промет од преку 460 милиони евра, од кои 165 милиони во гастрономијата и хотелиерствотоФотографија: picture-alliance/dpa

Една карневалска сезона и’ носи на трговијата на мало во целата земја преку 300 милиони евра. На врвот е покраината Северна Рајна Вестфалија (која има и најмногу жители) со удел од 43 проценти, а далеку зад неа следуваат Баварија и Баден Виртемберг. Прометот цути, независно од конјунктурата во стопанството. Хорст Кроковски вели дека уште пред две децении кажал: „Ако на луѓето им е добро - ќе слават. А, ако не им оди добро - пак ќе слават!“

Со прометот изразен во милијарди во оваа сезона карневалот како стопанска гранка се’ уште не го исцрпил сиот пазарен потенцијал, проценува професор Јан Визеке. Со оглед на тоа дека карневалот секогаш неконвенционално реагира на традициите, маркетиншките експерти би можеле да опфатат нови, алтернативни целни групи, „кои денес се’ уште никој не ги има пред очи“.