1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Со изборите Косово започнува нова фаза на демократски развој“

17 ноември 2007

Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу: статусот главна работа. Гласањето се одвива без позначајни проблеми. 7000 полицајци се грижат за безбеден тек на парламентарните и локални избори. Србите ги бојкотират изборите.

https://p.dw.com/p/CIPx
Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу на гласачкото местоФотографија: AP

Од 7 часот изутрината еден ипол милион жители на Косово можат да го дадат својот глас на парламентарните и комунални избори. Досега гласањето се одвива во мирна атмосфера, а за така и да остане се ангажирани 7 илјади припадници на Косовската полициска служба. Изутрината понекаде имаше технички проблеми, па поединечни избирачки места во Приштина и во други општини беа отворени со задоцнување. „Тоа нема негативно да влијае врз целокупниот процес на гласање“, оцени претставникот на Централната изборна комисија Мазлум Барајлиу.

Во северниот дел на Косово гласал само еден Србин

Според него, до 10 часот гласале околу 10 насто од избирачите. Во српски општините на северот на Косово нема одѕив – според податоци од српски претставници, само еден Србин го дал својот глас. Директорите на училиштата не дозволиле отворање на избирачките места, па е решено таму да работат мобилни тимови, што ќе овозможат да гласаат оние, кои тоа го сакаат, рече шефот на мисијата на ОБСЕ Тим Гулдиман.

Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу, откако го уфрли гласачкото ливче, им се обрати на сограѓаните: „Со овие избори Косово сега започнува нова фаза на демократски развој. Поради тоа е посебно важно да ги изберете луѓето на кои им верувате. Многу е важно Косово да отвори нова глава во однос на статусот, што е главна работа за нас, за да овозможиме подобар живот на граѓаните во суверено и независно Косово“.

Рикер: се’ уште има шанси во преговорите, иако минимални

Белград изврши силен притисок врз српското малцинство на Косово барајќи да ги бојкотира изборите, рече шефот на управата на ОН Јоахим Рикер на средба на постојаниот Совет на ОБСЕ во Виена. Но, тој сепак се’ уште гледа минимална шанса да се дојде до резултат на тековните преговори за статусот на досегашбата српска покраина: „Се’ уште сум уверен дека има некаква шанса, дека тројката ќе изнајде резултат. Мислам дека шансите на тројката не се еднакви на нула“, рече Рикер.