Со здружени сили против наметнатите трошоци
21 октомври 2012По изборот на органите и усвојувањето на статутот и програмата за работа, првиот претседател на новото Здружение на приватните електронски медиуми, Сашо Митановски вчера во Битола истакна дека потребата за формирање вакво здружение е оправдана и навремена пред се’ заради решавање на наталожените проблеми во оваа област, но и за подигање на соработката меѓу медиумите на повисоко ниво.
„Целта е да се создаде тело од професионалци во својата работа кои ќе можат да посочат на конкретните проблеми на медиумите во државата, особено во помалите средини, кои се подалеку од најголемите и најважните збиднувања за оваа област“, истакна Митаноски, кој е и главен и одговорен уредник на охридското Супер радио и на агенцијата ИНПРЕС.
Според него, во оваа сфера има многу недоречености и предизвици кои мора да се надминат. „Првиот чекор е да се заземе став во врска со старо-новото здружение Македонска Музичка Индустрија (ММИ) чии фактури наскоро ќе почнат да пристигнуваат. Во овој дел од нашата „борба“ сојузници ни се сите фирми во државата, пред се’ хотелиерите, но и сите, од најмали до најголеми бизниси, кои во оваа ситуација во која е во моментов целото стопанство, ќе треба да издвојуваат значителни сретства и за оваа намена. Сметаме дека во тарифникот на ова здружение има многу недоречености и многу работи тука може да се исправат, рече Митаноски.
ЗПММ за следната недела најавува средби со министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска под чиј ресор е издавањето на дозволата на здружението ММИ, кое ќе наплаќа авторски права, паралелно со досегашниот носител на овие права ЗАМП, но и со првите луѓе на Советот за радиодифузија на Република Македонија.