1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со „дожд“ од пари против кризата-ЕСМ без лимит?

АТ/ дпа/ ртр/ афп31 јули 2012

Со сите парични средства против европската должничка криза? Според медиумите некои земји на еврото планираат спасувачкиот чадор ЕСМ да го снабдат со неограничени средства. Германската влада и Бундесбанката се против.

https://p.dw.com/p/15h9V
Фотографија: Fotolia/Michael Wolf

Дали идниот спасувачки чадор ЕСМ е опремен со доволно средства? Ова прашање наскоро би можело да биде одвишно. Како што информира весникот „Зиддојче цајтунг“, некои од државите на еврото, како што се Франција и Италија, како и водечки членови на советот на Европската централна банка, сакаат значително да ги зголемат средствата за фондот ЕСМ. На ЕСМ треба да му биде дозволено, без каков и да е лимит да подига кредити од Европската централна банка. Конкретно тоа ќе значи дека ЕСМ ќе може купените обврзници да ги искористи како гаранции во Европската централна банка. За возврат фондот ќе добие свежи пари, кои ќе може да ги користи за поддршка на земјите од еврозоната кои се погодени од кризата. Поддржувачите се надеваат дека со доделувањето на една ваква банкарска лиценца ќе се смири состојбата на финансиските пазари. 

Италијанскиот премиер Марио Монти веќе се изјасни, дека „крајот на тунелот“ бил на повидок. „Европските институции и влади“ во меѓувреме биле повеќе подготвени да ги спроведат на дело одлуките од самитот на ЕУ од крајот на јуни. Германската канцеларка Ангела Меркел во саботата телефонски разговараше со Монти. Денеска италијанскиот премиер ќе разговара со францускиот претседател Франсоа Оланд. Него го очекуваат и во Финска и Шпанија, а во втората половина на август и во Берлин. 

Германија е против, но уште колку долго?

Бундесбанката досега ја одбива ваквата иницијатива. Снабдувањето на европскиот спасувачки чадор ЕСМ со банкарска лиценца би било јасно кршење на европското право, смета поранешниот главен економист на Европската централна банка Јирген Штарк. Ова би значело дека државите иниретктно би се финансирале преку Европската централна банка, изјави Штарк за радиото Дојчландфунк. Експертите по европско право веќе зборувале за колективно кршење на правото, подвлекува Штарк. Според негово мислење најмалку две години се прекршува европското право.

За германската ганцеларка се’ повеќе се стеснува просторот. Притисокот од странство врз Германија, кризата конечно да се стави под конотрла, расте - исто така и незадоволството во сопствената коалиција: коалиционите партнери ФДП и ЦСУ одбиваат банкарска лиценца, како и издавање на заеднички државни обврзници. Времето да се донесат одлуки притиска.

Планот сам по себе не е нешто ново. „Идејата постои веќе подолго време, но никогаш конкретно не сме зборувале за тоа“, цитира весникот „Зиддојче цајтунг“ висок по ранг европски дипломат. Експертите и политичарите веќе одлучија да проверат дали и под кои услови „фонднот би требало да добие директен пристап до Европската централна банка“.