1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со добра волја до решение

10 октомври 2011

Македонската Влада и Здружението на новинарите на Македонија денеска (10.10) официјално формираа работна група за подобрување на состојбите во медиумите.

https://p.dw.com/p/12p7V
Фотографија: DW / Christel Becker-Rau

На првата средба која се одржа зад затворени врати, претставниците на ЗНМ ги ставиле на маса прашањата кои треба да станат дел од акциониот план за подобрување на работите во оваа сфера. Во период од една година сите болни прашања ќе се решаваат преку континуиран дијалог.

Според првиот човек на ЗНМ, Насер Селмани, дијалогот треба да биде единствениот начин за решавање на проблемите во медиумите и релаксирање на односите. Медиумите во текот на процесот треба да имаат поголема слобода и треба да се врши помалку притисок врз нив: „Во периодот од една година што го дефиниравме ќе успееме конструктивно да изнајдеме решенија што ќе бидат од интерес за сите. Ако постои добра волја и искрени намери, од процесот сите ќе излеземе како победници“, изјави Селмани.

Naser Selmani
Насер Селмани: Ако постои добра волја и искрени намери, од процесот сите ќе излеземе како победнициФотографија: Petr Stojanovski

За вицепремиерот за европски прашања Теута Арифи, започнатиот процес бил значаен за европскиот напредок на Македонија. На редовните средби и идните јавни дебати ќе се разговарало за нормативната рамка, рекламирањето на владините кампањи, зајакнување на јавниот сервис, како и за декриминализација на навредата и клеветата.

Тоа што процесот започнува два дена пред објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за Арифи не било обид да се замачкаат очите на Брисел за состојбите во медиумите, туку продолжение на веќе започнатата расправа од 14 септември:

Teuta Arifi Politikerin Albanien
Теута Арифи: Овој процес ќе биде континуитетФотографија: DW

„Сметам дека имаме обврски кон нашите демократски процеси, но и кон директивите на Европската Унија и затоа велам дека овој процес ќе биде континуитет и по добивањето на извештајот и по добивањето на многу други извештаи што ќе следат“, изјави Арифи.

Инаку, владата на крајот на август веќе изготви акциски план во кој се наведени низа цели кои се очекува да бидат критикувани во извештајот за напредокот од Брисел. Во него се предвидени активности и во делот на медиумите. Според текстот, ситуацијата ќе се подобрела со две мерки - извештај за спроведување обука на судиите и обвинителите инволвирани во случаи со клевета и формирање група која ќе работи на декриминализација на делото клевета. Министерката Арифи сега најавува дека овој план ќе се проширува. Инаку, во работната група на владата, покрај Арифи, членуваат и министрите за внатрешни работи и труд и социјална политика, Гордана Јанкуловска и Спиро Ристовски. 

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска