1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со брендови против кинеската конкуренција

Јулија Хенрихман / Зоран Јордановски20 јули 2012

Во северниот португалски град Лустоса, малата фирма „Калвелекс“ се ориентираше на висока мода. Со муштерии како Хилфигер или Викторија Бекам, фирмата успева добро да и‘ се спротивстави на текстилната конкуренција од Кина

https://p.dw.com/p/152OH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тајната е во оваа просторија, каде креираат 15 дизајнери. Малата фирма „Калвелекс“ во местото Лустоса на северот од Португалија се определи за висококвалитетна мода - клиенти и’ се марки како Хилфигер и Викторија Бекам. Тоа помага да и’ одолее на конкуренцијата од Кина.

„Европа е поконкурентна, оти ние прифаќаме и помали, и поголеми нарачки. Кина или слични земји прифаќаат само многу големи нарачки. Ние во Европа сме флексибилни и со мали нарачки“, вели Сезар Араухо, раководител во „Калвелекс“.

Пред испорачувањето се проверува секое поединечно парче. Во меѓувреме претпријатието изработува и облека за екипажи на големи воздухопловни компании. Во кризата не поминаа сите толку добро. Во 1980-тите и 1990-тите години во Португалија банкротираа стотици текстилни фирми, оти Источна Европа и Кина произведуваа поповолно.

Но, работата повторно тргна напред, барем кај оние, кои наместо масовно производство се насочија кон првокласни работи. Само во првото полугодие лани извозот на текстилни производи постигна пораст од преку 10 проценти.

Културната престолнина Гимараеш, недалеку од Лустоса, не се фокусира само на туристи. Трговската комора востановува ново партнерство. За текстилната бранша во подем да биде снабдена со подмладок, на универзитетот настанува нов центар за дизајн.

China Textilindustrie Näherinnen neu
Шиењето за високата мода е најдобар начин да се сопре кинеската конкуренцијаФотографија: picture alliance / Xie zhengyi - Imaginechina

„Тие ќе работат само дизајн и мода, ќе ја покриваат само креативната страна на индустријата. Очекуваме дека наскоро состојбата во оваа бранша ќе биде уште подобра отколку сега. Така можеме да поврземе два света, кои досега немаа многу допирни точки - универзитетот и фирмите, вистинското стопанство“, вели Карлош Тешера, претседател на Трговската комора на Гимараеш.

Шефот на „Калвелекс“ од Лустоса и самиот мина низ тешките времиња. Сега одвај излегува на крај со нарачките. Тој смета дека домашното стопанство севкупно е во нагорна линија.

„Платите во Кина растат, извозните царини исто така, а Европа е се’ поконкурентна“, вели Араухо.