1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со бомба против истражувачкото новинарство

Мустафа Цанка/ Симе Недевски14 август 2013

Пред семејната куќа на црногорскиот новинар во Беранe, Туфик Софтиќ, во неделата навечер (11.8.) е фрлена бомба со голема разорна моќ. За среќа, сето мина без потешки последици. Тоа не е прв напад врз овој новинар...

https://p.dw.com/p/19P5w
Фотографија: DW/M. Canka

За Туфик Софтиќ нема дилема: нарачателот и на овој последен напад е некоја криминална група за која веќе со години пишува во неделникот „Монитор“ или во дневниот весник „Вјести“. Но, такви групи има повеќе, од онаа на Дарко Шариќ до онаа на Насер Кељменди па се‘ до Сафет Калиќ и екипата која шверцува разни видови профитабилна стока на црногорско-косовската граница. Тој не може прецизно да каже за кого се работи, како што, на пример, со голема извесност знаеше кој е нарачател на неговото претепување пред 6 години. „Во последите 2-3 години напишав цел серијал текстови за шверцот, организираниот криминал и криминалните групи во Црна Гора и регионот, особено на северот на земјата. Така што јас овој последен напад би го поврзал повеќе со тие криминални групи тука, а можеби дури и во моето Беране“, вели Софтиќ.

Поранешните напаѓачи заштитени

На прашањето на ДВ дали тоа што државните органи не сториле ништо, односно дека не го откриле нарачателот на првиот напад оставило отворен простор за нов, Софтиќ одговара: „Така е. Апсолутно се согласувам. Мислам дека прашањето е сосема на место. Покрај подготвеноста на полицијата, за тие случаи треба да постои јасна политичка волја. Мислам дека досега ја немаше за да се реши случајот од 2007. година. Дури луѓето на кои јас покажував со прст на некој начин беа заштитени во Црна Гора, никогаш не се приведени, никогаш не се процесирани. Зошто е тоа така, можеме само да погодуваме. А нема никаков сомнеж дека додека не се решат тие стари случаи, нема да се реши ниту еден нов. Еве, јас во вторникот (13.8.) бев во полиција и замислете по толку години дури сега ми земаа ДНК поради случајот во 2007 година за да проверат некои материјални докази кои ги имат, а кои седеле некаде во Форензичкиот центар во Даниловград!?“

Tufik Softic
Новинарот Туфик Софтиќ во болница по нападот врз него во 2007 годинаФотографија: DW/M. Canka

Притисок од Брисел

Софтиќ е уверен дека црногорската власт ќе мора многу посериозно да го истражи последниот случај, бидејќи сега е под посилен надзор и притисок од страна на меѓународната заедница, особено од страна на ЕУ со која Црна Гора отвори пристапни преговори, а која веќе го осуди тој напад и побара итна и делотворна истрага. „Поглавјата 23 и 24 не можат да се отворат се' додека имаме вакви нерешени случаи. Пред сѐ, мислам на убиството на уредникот на дневниот весник ’Ден’ Душко Јовановиќ, бидејќи тоа беше најдрастично и најтрагично, а потоа и на сите останати случаи на напади на новинари“, вели Софтиќ.

Нема повлекување, нема предавање

По прашањето дали поради вакви случаи Црна Гора оправдано го зазема последното место во регионот според степенот на медиумска слобода на листата „Репортери без граници“, тој одговара дека нападите врз него и реакцијата на државата најдобро ја потврдуваат таа оценка. „На што можат да се надеваат новинарите или младите луѓе кои сакаат да се занимаваат со новинарство, особено истражувачко, ако гледаат дека се случуваат вакви работи. Поради тоа Црна Гора, ако не ги реши тие случаи, како што не го стори тоа досега, апсолутно заслужува да се најде на дното на листата за медиумските слободи.“

Софтиќ додава дека и покрај се' ќе продолжи да се занимава со истражувачко новинарство и разоткривање на криминални и корупциски активности во Црна Гора и регионот: „Влегов длабоко во таа проблематика и секое повлекување би значело дека се предавам, дека кревам раце од оваа работа, а јас не сум тип кој така лесно се предава.“