1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјално однесување

19 мај 2008

Кога сте во Рим, однесувајте се како граѓаните на тој град, а кога сте во Германија… Ја сфаќате поентата. Еве некои начини за да ги избегнете гафовите додека престојувате во Германија

https://p.dw.com/p/DoRK
Како да се однесувате во Германија?Фотографија: Bilderbox

Ракување

Symbolbild - Händedruck
Ракувајте се со секого во групата кога доаѓате и заминуватеФотографија: dpa - Report

Ракувањето е важен дел од германската култура. Вообичаено е да се ракувате со некој што го среќавате прв пат, како и при секое наредно среќавање. На бизнис - состаноците и на некои официјални состаноци, се очекува секој учесник да се ракува со сите присутни на самото доаѓање и потоа повторно на заминување.

Бакнување

Во секојдневните контакти, пријателите можат да го понудат образот наместо раката. Вообичаено е пријателите во Германија да се бакнат во двата образа кога ќе се видат, или барем да се бакнат во воздух во близина на образот на другата личност. Иако бакнувањето во образ кај Германците не е толку вкоренет обичај како во останатите европски земји, тоа може да изгледа непријатно за посетителите кои се навикнати на култури каде приватноста е нешто свето.

,, Sie“ и ,, du

Германскиот јазик има формални и неформални форми на обраќање. Потребно е многу искуство за да се научи употребата на ,, Sie“ (Вие) и ,, du“ (ти). Еве некои примери.

Формалното ,,Sie“ секогаш се употребува со презимето, на пример „Herr Schmidt“ или ,,Frau Fischer“. На службениците, познаниците од работа, како и на странците секогаш треба да им се обраќа со формата ,,Sie“.

Кога се претставувате себеси, вообичаено е да го кажете вашето целосно име или само презимето. Доколку се претставите само со вашето прво име, тогаш настојувате да ви се обраќаат со ,,du“, што може да биде несоодветно за ситуацијата. „Du“ го користат помладите луѓе и пријателите, како и децата. Формата се користи заедно со првото име. Не би требало некого да го нарекувате според првото име, освен ако не ви е дозволено да се обраќате неформално или доколку вам ви се обраќаат со ,,du“ и со вашето прво име. Главно, оние што предлагаат да се премине од ,,Sie“ на ,,du“ се постарите лица или лицата со повисок ранг во бизнис круговите. Тие тоа го прават со повторно претставување со нивното прво име.

Доколку сте несигурни која форма да ја употребите, забележете која форма ја користи вашиот партнер за конверзација и обратете му се со истата форма.

Титули

Покрај ,,Herr“ ( господин) или ,,Frau“ ( госпоѓа), академските и благородничките титули се исто така многу важни во Германија. Иако може да звучи невешто, не заборавајте да ги споменете кога зборувате со некого. Тие титули следат по ,,Herr“ или ,, Frau“, на пример ,,Herr Dr. Keller“ или ,,Frau Prof. von Henkel“. Иако титулите понекогаш се удвојуваат, како на пример ,,Frau Prof. Dr. Schumann“, тие не се скратуваат, ниту пак се изоставуваат.

Зборот ,,Fräulein“, што е всушност старомоден збор за госпоѓица, веќе не се употребува. Наместо него, се употребува понеутралниот збор ,,Frau“, што е исто што и госпоѓа и не посочува на брачниот статус на дамата. Не го користете зборот ,,Fräulein“ освен ако не сакате некого да навредите.

Точност

Точноста кај Германците е многу повеќе отколку стереотип - тоа е воспоставена практика. Да се биде точен е важен дел од социјалното однесување. На бизнис состаноците и на другите важни средби, е многу подобро доколку се стигне неколку минути порано.

Uhr - Grafik
Трудете се да бидете точни

Доцнењето или брзањето некаде може да предизвика лош впечаток - особено доколку сите други се точни. Во Германија е неучтиво постојано да се доцни на состаноците со пријателите и познаниците. Пристигнете на време, како што сте се договориле. Доколку задоцните, тоа може да фрли дамка на договорот. Меѓутоа, колку што има повеќе гости, има толку повеќе време во кое е соодветно да се појавите.

Кога имате покана

Кога имате покана да посетите нечиј дом во Германија, на вечера или на кафе и колач, добра идеја е да се донесе мал подарок за домаќините. Цвеќето секогаш е добредојдено. Уверете се дека имате непарен број цветови, бидејќи се верува дека парниот број носи лоша среќа. Исто така, пожелно е да се однесе вино или чоколадни бомбони.

Рециклирање

Müll 2.jpg
Сметот се сортираФотографија: Bilderbox

Во Германија сметот најчесто се одвојува, како во домаќинствата, така и во јавните контејнери. Ќе видите одвоени места за фрлање стакло, хартија и пластика. Во домовите исто така има посебни канти за органски отпадоци, како зрна од кафе или остатоци од храна.

Многу Германци сериозно го сфаќаат рециклирањето и одвојувањето на ѓубрето. На игнорирањето на ваквата пракса честопати се гледа потценувачки.