1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состојбата на Шумахер е малку подобрена

Александар Методијев/ројтерс/дпа/афп/макфакс31 декември 2013

Здравствената состојба на седумкратниот победник во Формула 1, Михаил Шумахер, е благо подобрена, откако во текот на минатата ноќ врз него била извршена втора операција, информираа докторите во францускиот град Гренобл.

https://p.dw.com/p/1AjRL
Фотографија: picture alliance/Sven Simon

„Ситуацијата е повеќе под контрола отколку што беше вчера, но не можеме да речеме дека тој не е во опасност“, информираше Жан-Франсоа Пајен, шефот на Одделот за анестезиологија во болницата ЦХУ, во источниот француски град Гренобл, каде Шумахер е третиран по повредата добиена при пад при скијање. „Добивме одредено време, но мораме да надгледуваме од час во час“, додаде докторот. „Изненадени сме од напредокот, но прерано е да се шпекулира за состојбата“, рече Пајен, оценувајќи дека таа е критична.

Во текот на ноќта била извршена втора операција на мозокот на Михаел Шумахер, кој е во кома по несреќата на француските Алпи. Таа траела околу два часа. При операцијата бил отрстранет голем хематом од левата страна на мозокот.

„Беше поголем и подостапен од другите. Оценивме дека можеме да го отстраниме без ризици“, рече Емануел Геј, шеф на Одделот за неврохирургија. Тој информираше дека операцијата била направена за да се намали притисокот врз мозокот.

Frankreich Grenoble Klinik CHU Michael Schumacher 31.12.2013
Докторите не сакаат да шпекулираат за здравствената состојба на ШумахерФотографија: Philippe Desmazes/AFP/Getty Images

Седумкратниот светски првак во Формула 1 во неделата падна при скијање и ја повреди главата удирајќи во карпа. Шумахер скијал надвор од скијачката патека. Докторите велат дека тоа што носел кацига му овозможило да стигне жив во болница. Медиумите шпекулираат дека во моментот кога паднал, Шумахер на скијачката патека се движел со брзина од 100 километри на час и дека кацигата која ја носел на главата била скршена на два дела.

Бидејќи неговата здравствена состојба е кревка, во моментов не е можно тој да биде префрлен во друга болница. За сите зафати што се преземаат врз него се разговара со неговото семејство. Тоа е постојано во болницата во Гренобл.

Вестите за несреќата го шокираа светот. Познати личности, меѓу кои и канцеларката Ангела Меркел, но и бројни фанови изразуваат надеж за негово оздравување.