1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состојбата на Шарон подобрена

7 јануари 2006

Третата итна операција на која вчера беше подложен израелскиот премиер, Ариел Шарон, значително му ја поправила здравствената состојба.

https://p.dw.com/p/AcA1
Ариел Шарон
Ариел ШаронФотографија: dpa

Од Ерусалим денеска доаѓаат вести дека крварењето во мозокот е запрено и дека Шарон е во стабилна состојба.

“Операцијата мина добро и сега Шарон повторно е на интензивна нега на одделот за неврохирургија во болницата Хадаса во Ерусалим. Тој е под анестезија зашто сакаме да го контролираме крвниот притисок, да го намалиме метаболизмот на мозокот и да му дадеме најдобра шанса за опоравка“, изјави хирургот што го оперираше израелскиот премиер, Феликс Умански.

Израелците ги следат медиумските извештаи за здравјето на Шарон со голема напрегнатост. Луѓето се загрижени и поради неизвесната иднина, вакуумот што го остава Шарон во неговата нова партија Кадима и во израелската политика. Еден граѓанин на Хаифа вели:

“Многу сум загружен. Имам чувство дека тој почна еден важен процес, што сега ќе биде прекинат. И загрижен сум за него лично. Се плашам од влошување на неговата ситуација што на целата држава ќе и донесе состојба на несигурност.“

Пријателот на Шарон и од неодамна политички сопатник, Шимон Перес, сака да пренесе порака на надеж:

“Како ќе оди натаму израелската политика? Државата стои на две нозе - војна против теророт и обид за постигнување мир. Ние ја продолжуваме оваа политика на Ариел Шарон, а тоа беше и политика на големата коалиција. Иако е тешко, не сме без оптимизам.“

Поради болеста на Шарон, американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс го откажа своето патување во Индонезија и Австралија. На прашањето дали откажувањето се должи на можна погребна церемонија за Шарон во наредните денови, нејзиниот портпарол одговори: “Не би барал поврзница меѓу овие две работи по секоја цена.“