1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соработка наместо конфронтација

Сабине Хартрер / Александра Трајковска26 јуни 2012

Образованието е новата суровина, изјави германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. За него конкурентноста на образовните системи е одлучувачка за тоа кои земји во иднина ќе имаат водечка улога.

https://p.dw.com/p/15LcT
Фотографија: DW/K. Danetzki

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле учествуваше на манифестацијата Глобал медиа форум во организација на Дојче веле, која за централна тема годинава го имаше образованието во глобалниот свет.

„Образованието игра централна улога во глобализацијата“, нагласи Вестервеле и дополни дека пристапот до образованието преку личното искачување на секој поединец, исто така е одлучувачки како што квалитетот на образовните системи одлучува за издигнувањето и падот на општествата.  

Овие промени со себе ги донесе глобализацијата и се придонес за поголема праведност во светот. Впрочем, ни климатските рамковни услови, ниту поседувањето вредни суровини не се одлучувачки за една нација, туку тоа се креативноста и знаењето, две карактеристики кои се резултат на образованието и надобразбата. Притоа ќе профитираат токму тие земји, кои поради високиот удел на млади луѓе во моментов треба да разрешат многу проблеми. Диманиката и големата креативност на младите луѓе се потенцијалот на овие земји во развој.

Германската надворешна политика е политика на вредности

Вестервеле нагласи дека образованието е клуч за толерантно и плуралистичко општество. Образованието поттикнува еднаквост и респект и пренесува вредности. Слободата, демократијата и правната држава од германски агол се вредности кои имаат голема сила, нагласи министерот. Тоа се отсликува и во ориентацијата на германската надворешна политика. Имено, глобализацијата придонесува за ширење на вредностите. Германија е подготвена да помогне да се вкотват демократските и цивилните општествени процеси. „Силно ги поддржуваме процесите на отворање и демократизација“, дополни министерот. За секоја ситуација има соодветни понуди. „Во Тунис и Египет стартувавме иницијативата за образование, култура и медиуми ’Плоштад на иднината’“. Заедно со Дојче веле ќе се поддржува надградбата на онлјан медиумите, оти слободните медиуми, смета министерот „се предуслов за формирање на волјата и со тоа основа на цивилното општество.“

Deutsche Welle Global Media Forum 2012
Дојче веле - Глобал медиа форумФотографија: DW/Danetzki

И Германија мора да учи за слободата и демократијата

Вестервеле како пример ја наведе поновата германска историја, дека слободата, демократијата, доброто водење на една влада и толеранцијата, се процес на учење. Германија прво мина низ „најтемното поглавје од својата историја“, пред да може да изработи ваков устав кој се базира врз слободи. Германија денес живее во отворено општество со меѓународно поврзување, при што размената на владино ниво има особено значење. Она што на Европа и‘ успеа и покрај сите потешкотии, можно е и на друго место, уверен е министерот.

Германскиот министер Вестервеле се осврна и на иднината на Советот за безбедност на ОН. Составот на ова тело не ја отсликува актуелната политичка состојба во светот, туку било „ехо на минатото“. Според министерот, недостиг е тоа што ни Латинска Америка, ниту Африка не се претставени со постојано место во Советот за безбедност, а Азија е претставена само со една земја, Кина. За веродостојно да може да се реагира на конфликтите во светот, регионите би морале да имаат постојано место.