Сончевата бура може да ги погоди навигационите системи
8 јуни 2011Невообичаено бурна сончева ерупција би можела наредниве денови да предизвика проблеми во GPS системите како и при снабдувањето со електрична енергија на земјата, предупредува американската метеоролошка служба. Станува збор за една од најголемите сончеви бури по 2006 година, соопшти американската вселенска агенција НАСА. Имено, ослободен е огромен облак од честички, кој се распоредил во простор речиси толку голем колку половина од површината на сонцето.
Според американската метеоролошка служба, драматичната ерупција би можела од денеска вечер (08.06), во 20 часот по средноевропско време, да предизвика лесни до средно тешки геомагнетни бури. Тоа би можело да доведе до пречки во струјните мрежи и во сателитската навигација. Постои можноста и летовите над поларните региони да треба да бидат пренасочени.
При вакви ерупции, наелектризирани честички се исфрлаат од сонцето. Големите сончеви ерупции и сончевите бури кои ги предизвикуваат, се одразуваат врз планетата Земја, поточно негативно влијаат врз електричните апарати. Посебно се загрозени телекомункациските сателити, како и сателитите за навигациониот систем GPS, кои кружат во вселената на 20.000 километри оддалеченост од Земјата. Што се однесува до пречките во електричните мрежи, сончевата ерупција во 1973 предизивка колапс на електричниот систем во канадската провинција Квебек. Шест милиони луѓе тогаш останаа без струја.
Автор: АТ/ афп
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска