Сони во нокдаун
6 февруари 2014За да излезе од криза, Сони има намера да се збогува од својата марка во компјутерскиот бизнис - Вајо. Електронскиот концерн денеска (06.02.) најави дека компјутерскиот дел ќе му го продаде на јапонскиот инвестициски фонд Јапан Индустриал Партнерс, кој за таа цел ќе основа ново претпријатие. Сепак, Сони има намера да задржи 5% од фирмата.
За да стане попрофитабилен, јапонскиот концерн ќе преземе и други чекори. Треба да бидат скратени 5.000 од околу 145.000 работни места ширум светот и тоа до март наредната година. Од нив, 3.500 места се во странство. Освен тоа, на агендата до јули годинава е и збогување на Сони со ТВ-бизнисот.
Сони се‘ уште се наоѓа во тешка фаза која бара преземање радикални мерки, објаснува раководството на концернот. Во првите девет месеци од деловната година, која завршува на 31 март, Сони се врати во плус и забележа нето добивка од 11,2 милијарди јени (82 милиони евра), но до крајот на деловната година сепак, како што се прогнозира, ќе биде забележан минус од 110 милијарди јени.