1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Солидарност и љубов кон ближниот

Гинтер Биркеншток/ЖА/дв24 декември 2012

Во своето прво божиќно обраќање, германскиот претседател Јоахим Гаук ги повика Германците на солидарност со оглед на растечките социјални разлики. Тој потенцира - Божик е празник кој поврзува.

https://p.dw.com/p/178UW
Фотографија: Getty Images

Еден дел од луѓето во Германија се „несигурни поради тоа што животот стана побрз, понепредвидлив и понестабилен“, изјави Гаук во својот прв божиќен говор, кој вечерва (24.12) ќе биде емитуван на германската телевизија. 

Предизвици за општеството

„Јазот меѓу сиромашните и богатите се продлабочува, промената на климата бара исто така нови одговори, како и општеството кое старее“, истакна претседателот.

„Нам ни задава грижи и насилството - во подземната железница како и на улиците, каде луѓето се напаѓани само затоа што имаат црна коса и темна боја на кожата“.

Со оглед на ваквиот развој Гаук препорачува враќање кон човечноста:

„На јазикот на политиката тоа значи - солидарност. На јазикот на верата - љубов кон ближниот. Кај чувствата на луѓето - љубов“.

Германија треба да биде земја во која младите и старите, староседелците и доселениците ќе можат да живеат заеднички:

„Да, ние сакаме да сме солидарна земја“, гласи пораката на Гаук.

Германскиот претседател во својот говор се осврнува и на растечкиот број на баратели на азил.

„Навистина, нема да можеме да ги прифатиме сите луѓе кои доаѓаат. Но, на прогонетите со отворено срце ќе им одобриме азил и на драго срце ќе ги прифатиме доселениците кои и‘ се потребни на нашата земја“.

Драгоцен мир

Гаук не ја одмина ниту кризата во Европа.

Европската идеја повеќе од 60 години го обезбедува мирот во Европа.

„Но, сега се поставува прашањето: дали нашата политичка желба може да го држи заедно она што е толку различно економски и културно?“

Германија досега „добро ја совлада кризата“, а освен тоа земјата е и политички стабилна:

„Радикалните партии не профитираа од тоа што дел од луѓето станаа несигурни“.

Празник за сите

Во своето божиќно обраќање поранешниот свештеник Јоахим Гаук повеќе пати се повика на Библијата. За христијаните Божик е „ветување на Господ за луѓето дека се под закрила на неговата љубов“. Но, и за муслиманите, евреите, луѓето од друга вера и атеистите ова е „празник кој значи подзастанување, свртување кон себе, празник кој се споделува со роднините и пријателите, кој поврзува кога луѓето меѓусебно се посетуваат и нешто си подаруваат“.

За разлика од својот претходник Кристијан Вулф, кој при своите две божиќни обраќања околу себе во дворецот Белви во Берлин собра голема група волонтери-хуманитарци и многу деца, Гаук се реши на соло-настап пред телевизиските камери.