1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Koalitionsvertrag Sozialabbau

25 октомври 2009

Новата конзервативно-либерална влада во Германија ветува помали давачки и, истовремено, социјална праведност. Дали социјалната праведност ќе го извлече подебелиот крај?

https://p.dw.com/p/KEgw
Меркел, Вестервеле и ЗехоферФотографија: picture alliance/dpa

Сакаме да ја извлечеме земјата од криза и да ја поведеме кон подем во новата деценија - се вели во преамбулата на коалициониот договор, што по тринеделни преговори го договорија партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ и Либералите. Како тоа треба да функционира, се‘ уште не е сосема јасно и се заснова главно, врз принципот на надеж. На надеж дека конјуктурата ќе тргне нагоре и дека економијата ќе се опорави, дека ќе се создадат нови работни места и дека ќе биде намалена планината долгови.

Повеќе илузии отколку надежи
Pressekonferenz Merkel Westerwelle Seehofer
Договорот е претставенФотографија: AP

Едно веќе сега е сигурно: кога владата ќе почне со спроведување на програмата, државното задолжување ќе се зголемува. Веќе на 1 јануари 2010 година владата има намера да почне со даночно олеснување тешко 24 милијарди евра годишно. Наспроти тоа, канцеларката Меркел исклучи можност за зголемување на даноци, како што е на пример, данокот на додадена вредност.

Од каде тогаш ќе дојдат парите? Меркел, која на јавноста и‘ го презентираше коалициониот договор заедно со шефот на ЦСУ Хорст Зехофер и лидерот на ФДП Гидо Вестервеле, се ограничи на не многу конкретни флоскули. „Сакаме да го отвориме патот за пораст“, изјави таа на прес-конференцијата во Берлин и додаде: „Мора да се размислува динамично.“

Олеснувања на сметка на солидарноста

Она што владата во наредните години сака да им го стави во џебот на граѓаните, ќе мора да го извлече од други џебови. Притоа, олеснувањата и оптоварувањата тешко дека ќе бидат во рамнотежа. На примерот на реформата на здравствениот систем станува јасно во кој правец ќе се оди - социјалното осигурување ќе се приватизира во поголема мерка, а тоа ќе го ослабне принципот на солидарна заедница на осигуреници. Планираната реформа на здравстеното осигурување, која треба да почне во 2011 година, предвидува зголемувањата на придонесите во иднина да ги плаќаат само вработените. Со тоа, граѓаните ќе бидат принудени да се погрижат за дополнително приватно осигурување за нега.

Koalition Gesundheit
Фотографија: AP

Осигурителните компании можат да се радуваат. Тие во иднина ќе склучат милиони нови договори. Осигурениците, пак, би требало да замислат, ако го свртат погледот кон милиони пензионери во САД, кои уплаќале во осигурителни компании кои во време на финансиска криза и невнимателен однос на осигурителните концерни со нивните уплати, беа втурнати во сиромаштија.

Коалиционерите, кои во саботата претпладне излегоа пред претставниците на печатот добро расположени, според се‘, сакаа да избегнат впечаток дека ќе изградат влада на социјално студенило. Тројцата шефови на партии нагласуваат дека сакаат социјална праведност и дека сакаат да ги отстранат сите постоечки неправедности. Тоа се ветувањата со кои настапува црно-жолтата коалиција. Таа ќе биде оценувана според исполнувањето на ваквите ветувања. Граѓаните можат само да се надеваат дека тој процес ќе биде придружен од силна опозиција.

Автор на коментарот: Бетина Маркс

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска