1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Солзавец против антивладините демонстранти во Каиро

ЖА/дпа/афп30 ноември 2013

Египетските полицајци со солзавец ги растераа демонстрантите пред суд во Каиро, каде е закажан процес против еден од водачите на секуларното демократско движење, Ахмед Махар, поради незаконско организирање протести.

https://p.dw.com/p/1AR4r
Фотографија: GIANLUIGI GUERCIA/AFP/Getty Images

Египетските сили за безбедност употребија солзавец и палки за растурање на демонстрантите во центарот на Каиро. Денешните протести се реакција против апсењето на 24 активисти. Приватните телевизии емитуваа снимки на кои се гледа како полициските сили за борба со безредијата протеруваат демонстранти.

Приврзаниците на опозицијата во Египет се гневни поради новиот закон, кој предвидува нови строги ограничувања на протестите низ земјата. Меѓу демонстрантите денеска беше и Ахмед Махер, лидерот на младинската организација „6 април“, кој во 2011. година имаше водечка улога во бунтот против долгогодишниот претседател Хосни Мубарак. Државното обвинителство издаде налог за негово апсење, зашто организирал протест претходниот ден, кој е во спротивност со важечкиот заострен закон за одржување демонстрации.

Поддржаната од армијата, египетска влада минатата недела објави закон за забрана на политичките собири на повеќе од 10 лица без политичко одобрение. Сепак, наместо да ја зголеми безбедноста, законот предизвика нови протести на активистите. Министерството за внатрешни работи предупреди дека силите за безбедност ќе дејствуваат цврсто против незаконските протести.

Државната власт, која со месеци на удар ги има исламистите, со новиот закон кој го регулира правото на протести, засилено се свртува и против демократското движење. Во минатите денови веќе беа уапсени над 60 лица врз основа на новите прописи. Некои од нив, како што сведочат нивните блиски, биле малтретирани и среде ноќ оставани во зафрлени области.