1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Согласност за ЦО2, разлики за еко-енергијата

9 март 2007

На првиот самит на Европската унија под нејзино претседателство, германската канцеларка Ангела Меркел можеше да го запише и првиот успех: постигната е широка согласност за намалување на издувните гасови за 20 проценти до 2020 година. Меѓутоа, околу заедничката стратегија за употреба на обновливи енергии и натаму ќе мора да се дискутира, изјави Меркел.

https://p.dw.com/p/Abyg
Тешка задача за канцеларката Меркел на самитот на ЕУ
Тешка задача за канцеларката Меркел на самитот на ЕУФотографија: AP

Количеството јаглероден диоксид до2020 година во Европската унија треба да се намали за 20 проценти. Во тој поглед Европа треба да игра предводничка улога, рече Меркел:

„Мислиме дека таа улога на Европа е неопходна за кон таа цел да привлечеме и партнери надвор од Европа„.

Спорен е нејзиниот предлог користењето на обновливи енергии од сегашните 6,5 проценти да се зголеми на задолжителни 20. Отпор дава пред се Франција, најголемиот производител на атомска енергија во рамките на Унијата. Претседателот Жак Ширак условува атомската енергија да биде земена предвид како нештетна за климата. Сличен став имаат и други држави. Премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер се заложи за широка меѓусебна соработка:

„На пример, кај енергијата добиена од ветер ние можеме да постигнеме многу помалку од соседите кои можат да инсталираат ветерници на отворено море. Ако тоа го направиме заедно со Белгија и Холандија, па таквата енергија да може да ја користи и Луксембург, тогаш веќе би имале европско решение„.

Ангела Меркел денеска напладне ќе предложи конкретни заклучоци за завршната декларација. До тогаш и натаму ќе се разговара за оваа тема. Меркел уште еднаш јасно соопшти:

„Настојувањето да постигнеме учество на обновливи енергии од 20 проценти е посебно важно, зашто тие значат иновации, односно сосем нов пат во што ќе мораме да постигнеме економски и технички напредок. Тоа е неопходно и за нашата идна улога на извозници на такви технологии„.

На заедничката вечера синоќа стана збор за уште една скокотлива тема: таканаречената Берлинска декларација по повод 50-годишнината од римските договори. Овој текст треба да ги истакне успесите на Унијата во изминатите 5 децении и да ги постави идните цели. Треба да биде прочитана на 25 март, но содржината се уште не е подготвена, зашто има разлики во мислењата за тоа во што се постигањата на Европската унија и кои се идните приоритети.