Советот за безбедност утре расправа за Косово
13 мај 2012Извештајот е редовен – квартален на мисијата УМНИК за ситуацијата во Косово. Генералниот секретар на ОН во извештајот наведува дека во периодот од февруари до мај 2012-та година е зголемен бројот на кривични дела насочени против етнички малцинства на Косово, споредено со истиот период минатата година.
„Се надевам дека позитивниот тек на дијалогот, напредокот кон европските интеграции и нормализацијата на односите меѓу Приштина и Белград ќе продолжат да се зацврстуваат, а тензиите и судирите постепено ќе се смалуваат“, забележува Бан Ки Мун во извештајот, кој го опфаќа периодот од 16-ти јануари до 15-ти април.
Во него се забележува дека прашањето за српските избори го привлече вниманието, на како што стои, нерешените прашања и тензии.
„Неоправданите апсења, пасивноста на нетолеранцијата и воинствената јавна реторика неизбежно води кон дополнителни тензии и насилства“, предупредува генералниот секретар на ОН.
Отпор за заштита на српското културно наследство
Тој укажува дека ситуацијата на северот од Косово и натаму е крајно чувствителна на секој политички развој на односите меѓу Приштина и Белград. Бан Ки Мун изразува загриженост поради негативниот тренд во процесот на враќање на Косово и повторно повика на јакнење на политичката волја за враќањето на бегалците.
Бан Ки Мун изразува и жалење поради отпорот на мерките за заштита на српските културни и верски објекти на Косово и ги повикува косовските власти да ги удвојат напорите за да биде премостен јазот меѓу обврските и нивната примена.
Кон извештајот на Бан Ки Мун е додаден и анекс извештај на шефот на ЕУЛЕКС Гзавиј Бу де Марнак, во кој се наведува дека мисијата на ЕУ продолжува да го помага спроведувањето на институционалните реформи, како и дека е постигнат напредок во повеќе судења. Во него се наведува и дека е продолжена истрагата за наводите од извештаите на Дик Марти од Советот на Европа, а кои се однесуваат на трговијата со органи на Косово.