1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советници им помагаат на барателите на азил во Германија

Карин Јегер / Александар Методијев20 јуни 2013

Луѓето се надеваат дека ќе најдат мир и работа во Германија. Но, реалноста покажува дека животот на барателите на азил е тежок. Организации како „Диакони“ им помагаат во пристапот до државните органи и во секојдневието.

https://p.dw.com/p/18t6k
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Бегството не е прекршок“, вели Абдулаје Амаду. „Многу луѓе едноставно тргнуваат на пат за да си го спасат животот“, вели тој. Амаду признава дека тој не би имал никаква иднина во Нигерија. Тој имал среќа, бидејќи неговиот чичко во 2001 година му купил билет за крстарење. Така стигнал во Хамбург. За еден млад човек тоа било недојдија. Набргу тој сфатил што значи да бидеш неприфатен. Како барател на азил нему не му било дозволено да живее каде што сака. Тој смеел слободно да се движи само во одредна област и не смеел да работи.

Карола Долк е запознаена со ваквите проблеми. „Постои систематско исклучување на бегалците во Германија“, вели Долк, која е правник во „Диакони Диселдорф“. „Сместувалиштата за азилантите често се на периферија, во поранешни касарни, на крај од шума. Луѓето немаат никаков контакт со Германци и не можат да го научат јазикот“, вели таа.

Сето ова го доживеал и Абдулаје Амаду, кој од почетокот бил „осуден“ на чекање – на вечно чекање, а во меѓувреме се будел, јадел и спиел. За него тоа било шокантно време.

„Тоа не е живот. Многу бегалци на таков начин се разболеа. Човек се чувствува дека е третиран како криминалец, а тоа боли“, вели Амаду.

Flüchtlingsberater der Diakonie Düsseldorf
Вработени во „Диакони“Фотографија: DW/K. Jäger

Но, тој се борел и некако успеал. Во меѓувреме завршил образование за јазичен и интеграциски посредник, што му обозможило да помогне во надминување на културните различности и во обезбедување на помош при преводи. Во меѓувреме, тој е дел од персоналот за обука на бегалци во „Диакони“ – добротворната организација на протестантската црква. Тој е муслиман, но религијата притоа не игра некаква улога. Една од неговите главни задачи е на новодојдените да им помогне да почувствуваат дека некој е подготвен заедно со нив да го мине тешкиот пат.

„И покрај тешката судбина на луѓето работата е прекрасна“, вели Даниела Брел, која го раководи одделот „Интеграција, миграција и бегалци“. Само во Диселдорф таа и нејзините работници им имаат помогнато на 900 бегалци.

„Тие доаѓаат во Германија за да останат. Кога ќе аплицираат за азил, прво добиваат само една дозвола за престој, која трае неколку месеци, а понекогаш и една година. Во тоа време бегалците не можат да развијат некоја перспектива за иднината“, ја објаснува процедурата Карола Долк.

Често преовладува мислењето дека барателите на азил се повеќе економски бегалци, отколку што се бегалци поради политички притисок. Но, тоа го негира Карола Долк, која му помага на еден млад Сомалиец, кој од 2008 година е во бегство од едно на друго место во ЕУ. Тој ја загубил својата мадост и е под психички стрес. Нему итно му е потребна терапија, но поради неговиот статус не е извесно дали тој сега би можел да започне со психотерапијата. Но, бегалците често и одбиваат да примаат терапија.

Poster der Diakonie Düsseldorf Respekt für jede Familie
„Диакони“ направи постер на кој пишува дека секое семејство е еднаквоФотографија: DW/K. Jäger

„Бегалците од Чеченија или Русија стравуваат дека ќе завршат во некоја институција од која нема да излезат“, објаснува Карола Долк. Таа додава дека луѓето од овие региони често немаат доверба ниту во луѓето од нивната земја, кои се користат како преведувачи, бидејќи стравуваат дека би можеле да бидат шпионирани од нив и би можеле да бидат предадени. Правникот Долк потсетува и дека на бегалците им е преку глава од бирократските процедури во Германија и пополнувањата барања и формулари. Целта на вработените во „Диакони“ е да ги направат луѓето посилни и да им влејат самодоверба.