1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден ја доведе Меркел во „тесно“

Марсел Фирстенау/ Жана Ацеска18 ноември 2013

Германската канцеларка Ангела Меркел прими пошта од човекот чии откритија доведоа до аферата со шпионирање од страна на американската тајна служба НСА. За ова денеска се одржува вонредна седница на Бундестагот.

https://p.dw.com/p/1AJJd
Фотографија: Reuters

Ангела Меркел може да биде сигурна дека многумина од пратениците на денешната (18.11.2013) вонредна седница на германскиот парламент, Бундестагот, ќе и‘ постават непријатни прашања. На пример, зошто не е подготвена да му даде азил на Едвард Сноуден во Германија. Или, зошто толку долго ја потценуваше аферата околу големите размери на следењето на електронските комуникации и интернетот од страна на Националната агенција за безбедност на САД.

Канцеларката реагираше налутено дури откако се дозна дека бил прислушуван и нејзиниот мобилен телефон. Начинот на кој сето тоа функционирало Меркел може да го дознае од Сноуден.

„Би ме радувал разговор со Вас во Вашата земја“, напиша Едвард Сноуден во писмото испратено до три личности: Ангела Меркел, претседателот на Бундестагот, Норберт Ламерт и сојузниот генерален обвинител.

За информантите нема азил во Германија

Неочекуваната пошта ја пренесе пратеникот од Партијата на зелените, Ханс-Кристијан Штребеле, кој на крајот на октомври отпатува во Москва за повеќе часови да разговара со Сноуден на тајна локација. 30-годишниот Сноуден има едногодишен азил во Русија. Во Германија, според желбата на владата, нема да дојде. Тоа го истакна министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих по една од повеќето вонредни седници на Парламентарната контролна комисија на 6. ноември, отккао Штребеле зад затворени врати известуваше за средбата со Сноуден.

Bundeskanzlerin Merkel NSA Überwachung Obama
Прислушување на пријатели (не) бидува: Ангела Меркел и Барак ОбамаФотографија: picture-alliance/dpa

Германската влада меѓутоа е подготвена за сослушување на Сноуден на руска почва. Под какви услови би било тоа можно, треба да провери Министерството за правда. Во меѓувреме координаторот на Меркел за германските тајни служби, Роналд Пофала, најави темелно преиспитување на соработката со американските тајни служби. Летоска двете страни најавија намера за склучување т.н. договор за нешпионирање, кој би бил „шанса за враќање на загубената доверба“, како што истакна Пофала.

Пофала: „Немаше милионскикратно прекршување на основните права“

Летоска, во екот на кампањата за парламентарните избори, Пофала истакна: „Во Германија не постои никакво милионскократно прекршување на основните права“. Во тоа сомнеж изразија опозиционите Зелени, Левицата и Социјалдемократите.

„Госпоѓа Меркел не се дистанцира од Американците и без критика прифаќа кога се повредуваат германското право и интереси“, критикуваше кандидатот за канцелар од СПД, Пер Штајнбрик.

Peter Schaar
Петер Шар не доби увид во актитеФотографија: picture-alliance/dpa

Но, дека Меркел се чини не може веќе стопроцентно да му верува на најважниот сојузник на Германците, имаше најави уште летоска. Меркел се заложи за зајакнување на еропската интернет-технологија. Причината е што сите големи интернет-јазли и индустријата за навигација се во кинески и американски раце. „Се сомневам дека е тоа добро“, рече Меркел.

Министерството за внатрешни работи одбива увид во актите

Генералниот секретар на ЦДУ, и покрај сомнежот на Мрекел, СПД ја обвини за антиамериканизам. Кратко потоа шефот на кабинетот на Меркел, Роналд Пофала по вонредната седница на Парламентарната контролна комисија најави дека владата чекор по чекор ќе ги разјаснува сите отворени детали. Документите и писмата, меѓу кои и писмените изјави од НСА ќе се најдат на увид пред Бундестагот. Еден од оние кои нив радо би ги видел, а според својата функција е и повикан за тоа, е ополномоштеникот на Бундестагот зазаштита на податоците, Петер Шар. Но, сојузниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих одби на Шар да му овозможи увид во актите, зашто наводно не бил овластен. Шар ја обвини канцеларката за неактивност во аферата, се‘ додека не беше лично погодена од прислушувањето на својот мобилен телефон.

Растечки протести

Но, владата на Меркел не остана сосем со скрстени раце. Уште во јули, неколку недели по разоткривањето што го изврши Едвард Сноуден, Фридрих отпатува во САД, каде со потпретседателот Џо Бајден, советничката за безбедносни прашања на Барак Обама, Лиза Монако и министерот за правда, Ерик Холдер, разговараше околу аферата НСА. Тој тврдеше, извршена е отворена и конструктивна размена на мислења.

Колку повеќе растеше аферата НСА, толку поголем беше протестот надвор од парламентот против шпионирање од секаков вид. На 7. септември беа одржани големи демонстрации на кои повикаа бројни граѓански групи, новинарски здруженија, како и Зелените, Левицата и Партијата на пиратите. Мотото гласеше „Слобода наместо страв“.

Околу два месеца потоа, се чини дека владата ги сфаќа грижите на граѓаните повеќе од било кога од почетокот на аферата. Мобилниот телефон од Меркел и писмото од Сноуден на НСА-аферата и‘ дадоа нова димензија. Министерот Фридрих во меѓувреме побара извинување од САД, а министерот занадворешни работи Гидо Вестервеле го повика на разговор американскиот амбасадор во Берлин.

Обвинителството не врши истрага

Дали во аферата НСА ќе се вклучи и Сојузното генерално обвинителство, останува отворено прашање. Откако беше објавено дека американските тајни служби го прислушувале и мобилниот телефон на канцеларката, започната е т.н. набљудувачка постапка. Но, од досега познатите информации не може да се констатира надлежност на обвинителството, беше истакнато од институцијата на прашање на новинската агенција ДПА.