1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снежната бура во САД однесе човечки животи

Александар Методијев/ап/миа4 јануари 2014

Најмалку 18 лица загинаа во снежната бура, проследена со силен ветер и исклучително ниски температури, која погоди северноисточни делови од САД. Во некои делови од САД се натрупа снежна покривка од 60 сантиметри.

https://p.dw.com/p/1AlCX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Повеќето од жртвите настрадаа во сообраќајни несреќи по лизгавите коловози, една жена заболена од Алцхајмеровата болест се смрзнала откога залутала по излегувањето од својот дом, а еден работник беше затрупан со куп сол, наменет за расфрлање по патиштата. Спасувачките тимови во Њујорк и Бостон патролираат по улиците во потрага по бездомници, кои би можеле да се смрзнат.

Поради невремето вчера (3.01) беа откажани 2.200 лета низ целата земја. Гувернерите на Њујорк и Њу Џерси прогласија вонредна состојба, повикувајќи ги граѓаните да останат дома.

„Со оглед на тоа дека снежната бура е се‘ посилна и носи големи количества снег, силно апелирам до сите њујорчани да бидат внимателни, да избегнуваат патување и да не излегуваат надвор ако не мораат“, изјави гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо. Стотици училишта во Бостон и Њујорк се затворени и е продолжен распустот за десетици илјади ученици.

Снежното невреме претставува прв голем тест за новиот градоначалник на Њујорк Бил де Блазио, кој на должноста стапи пред два дена.

Schneesturm USA Ostküste New York
Властите уверуваат дека ќе се справат со буратаФотографија: Getty Images

Тој рече дека општинските власти се подготвени да се справат со невремето, но ги повика граѓаните да останат во своите домови, а ако мораат да излезат да користат јавен превоз. Тој соопшти дека на улиците на Њујорк се распоредени 1.700 возила за расчистување на снегот и 450 возила за посипување сол по улиците.

Синоптичарите проценуваат дека поради студениот ветар во некои делови од земјата температурата може да падне и на минус 23 степени. Студен воздушен бран веќе доаѓа од Канада. На крајот на викендот се очекува друг студен бран.