1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртоносни напади врз војници во Египет

ЖА/дв/дпа/ртре7 октомври 2013

Во Египет продолжува ескалацијата на насилството, при што екстремистите убија десет војници и полицајци. Во судирите меѓу приврзаниците и противниците на соборениот претседател Мохамед Мурси претходно беа убиени 50 луѓе

https://p.dw.com/p/19vWk
Фотографија: AFP/Getty Images

Десет лица беа убиени во Египет во бомбашки напад врз штаб на силите за безбедност и заседа на војници. Во нападот со автомобил бомба врз штаб во градот Ал Тор во Јужен Синај биле убиени пет лица. Тоа беше извршено за време на средба на високи претставници, a најмалку 50 лица се повредени. Во експлозијата се нанесени тешки штети врз зградата на штабот и на канцелариите во соседството на гувернерот на провинцијата.

Се смета дека експлозивното средство било откриено во украден полициски автомобил.

На улиците на повеќето египетски градови денеска е мирно, по еден од најкрвавите денови откако во јули војската го смени исламистичкиот претседател Мохамед Мурси, додека во градот Исмаилија на Суецкиот Канал е извршен напад во кој непознати лица убиле патмина египетски војници.

Во централниот дел на Каиро, каде вчера со часови траеја судирите меѓу приврзаниците на Мурси и силите за безбедност, сообраќајот се одвива нормално. Државните медиуми јавија дека силите за безбедност ја вратиле денеска целосната контрола во државата. Бројот на жртвите во вчерашните судири, кои избија меѓу силите за безбедност и приврзаниците на соборениот претседател Мурси во повеќе египетски градови, се зголеми за две лица, од 51 на 53 жртви. Министерството за здравство соопшти дека во вчерашните судири се повредени 271 лице, од кои повеќето се приврзаници на Мурси.