1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртоносен напад врз странски воени инструктори во Јемен

СН/ат/ртр/афп26 ноември 2013

Непознати лица на улица во главниот јеменски град Сана отвориле оган врз двајца воени советници од Белорусија. Еден од нив починал од здобиените повреди, а другиот е потешко ранет.

https://p.dw.com/p/1AOuT
Фотографија: Getty Images

Според наводи полицијата во главниот град на Јемен, врз Белорусите стрелале двајца мажи на мопед, кои потоа побегнале.

Двајцата странци биле застрелани откако излегле од хотелот на улица во јужниот дел на Сана. Инаку најнапред беше јавено дека во нападот загинале двајца руски воени инструктори. Потоа беше соопштено дека загинало само едно од нападнатите лица, а руската амбасада во Минск соопшти дека тие не биле Руси туку дека потекнуваат од Белорусија. Амбасадата соопшти дека двајцата воени инструктори биле ангажирани со договор за приватна компанија. Портпарол на Министерството за надворешни работи на Белорусија потврди дека станувало збор за двајца белоруски државјани. Тој не можеше да ги потврди наводите на јеменските безбедносни служби дека двајцата Белоруси работеле како воени советници за јеменската армија.

Од бунтот против долгогодишнниот јеменски властодржец Али Абдула Салех наваму, постојано се случуваат напади од страна на вооружени лица на мопед, за кои одговорноста им се префрла на милитантните исламисти. Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи на Јемен соопшти дека на југот на земјата при воздушен напад биле убиени 12 осомничени припадници на терористичката мрежа Ал Каеда. Според јеменски наводи воздушните напади во оваа арапска земја честопати ги изведуваат американски беспилотни летала, ангажирани во борбата против терористичката мрежа.