1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртна казна за убиецот од Форт Худ

ЖА/дв/ртре/макфакс29 август 2013

Нидал Хасан изврши масакр во американската воена база Форт Худ зашто сакаше да стане маченик за својата вера. Воен суд во САД го осуди на смртна казна - ќе биде егзекутиран со смртоносна инјекција.

https://p.dw.com/p/19YFm
Фотографија: Reuters/Bell County Sheriff's Office

Поранешниот психијатар во американската армија, мајорот Нидал Хасан вчера (27.08) е осуден на смрт поради убиството на 13 лица и ранување на 40 други на 5-ти ноември 2009 година во воената база Форт Худ во сојузната држава Тексас. Тринаесетте членови на воената порота, којашто заседаваше во воениот суд во базата Форт Худ, по два часа советување едногласно се одлучила за изрекување смртна казна за мајорот Нидал Хасан. Минатата седмица поротата го прогласи виновен по 45 точки од обвинението, на судењето коешто започна на 7-ми август.

Обвинетиот се бранеше сам и се конфронтираше се бранителите коишто му беа доделени од државата, кои тврдеа дека Хасан намерно бара смртна казна за себе. Тој, исто така, се откажа и од својот завршен збор пред судот. Хасан потврди дека убиствата ги извршил од религиозни побуди, бидејќи како муслиман ја сметал војната во Авгинистан за неправедна. Хасан го изврши нападот непосредно пред планираното заминување на неговата единица во Авганистан. Тој без предупредување отворил оган врз своите колеги. Меѓу убиените беше и една бремена чистачка, која попусто го молела за животот на своето неродено дете.

Осуденикот ќе биде исфрлен од армијата и ќе му бидат скратени сите права од работата во неа.

Ова е прва смртна казна изречена за активен американски војник од 2005 година, кога поранешниот наредник Хасан Акбар беше осуден на смрт поради убиство на двајца војници во напад со рачна бомба во Кувајт во 2003 година.

Егзекуцијата на Нидал Хасан ќе биде првото извршување на смртна казна над војник во последните 32 години. Погубувањата на војниците во САД се ретки, бидејќи за нивно извршување неопходно е одобрение од претседателот на државата.

Хасан, за кој властите сметаат дека припаѓал на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, но дека дејствувал самостојно, повеќепати призна дека ги убил 12-те војници и еден цивил и рани десетина за да ги спречи војниците да учествуваат во војните во Авганистан и во Ирак, коишто ги смета за „незаконски“. Воениот обвинител Стивен Хенрик во завршниот збор истакна - Хасан во моментите додека го чекал заминувањето во Авганистан сметал дека со убивањето на американските војници „ја извршува својата задача во името на џихадот“.