1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

EU USA SWIFT

11 февруари 2010

Европарламентарците останаа цврсти до крај - со големо мнозинство гласови тие денеска го отфрлија т.н. СВИФТ-договор, и со тоа ја „пречкртаа сметката“ на европските влади и САД.

https://p.dw.com/p/LyvY
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Договорот, кој инаку стапи во сила на 1 февруари, на САД им овозможуваше пристап до милиони банкарски податоци, со кои управува провајдерот СВИФТ во Белгија.

„Ова е голема победа за Парламентот. Мислам дека во иднина овде ќе бидат определувани парламентарните правила на игра и тоа е добро“, изјави денеска европарламентарецот социјалдемократ, Мартин Шулц, а неговиот колега од Европската народна партија, Меркус Фербер, оцени: „Сакаме да се бориме против тероризмот во Европа. Тоа сакаме да го правиме и во светски рамки и за тоа сакаме да соработуваме со Американците, но тоа не се постигнува со пристап до секоја банкарска трансакција во ЕУ.“

Abgeordnete im Europaparlament in Straßburg
Одлуката е донесена со големо мнозинство гласови во ЕПФотографија: picture-alliance/ dpa

ЕП го сврте вниманието врз себе

Сега за натамошно проследување на банкарски податоци Европа и Америка мораат да преговараат наново. САД во предвечерјето на гласањето во ЕП се заканија дека доколку пратениците речат „НЕ“, ќе склучат вакви договори со одделни земји на ЕУ. Во ЕП, меѓутоа, нема загриженост поради ова. Европратеникот и поранешен белгиски премиер, Ги Ферхофстат е убеден:„Не верувам дека која било земја членка на ЕУ ќе се согласи со такво нешто. Тоа се преговори меѓу САД и ЕУ.“

Договорот сега е „на мраз“. Тоа според некого е добро, според некого лошо. Но, едно е јасно - Европскиот парламент со ова решение го сврте вниманието врз себе од оваа и онаа страна на Атлантикот.

Автор: Фабијан Хајнцл / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска