1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Укрaина: ЕУ излегува смешна!

Кристоф Хаселбах / Превод: Е.М.Фиданоска12 декември 2013

Украинскиот претседател Виктор Јанукович очигледно може да си дозволи се‘ и сешто, а ЕУ и покрај тоа не ја затвора вратата. На попустливоста мора да и‘ се стави крај, коментира Кристоф Хаселбах.

https://p.dw.com/p/1AXss
Фотографија: Genya Savilov/AFP/Getty Images

Една врата може да биде отворена и предолго. Низ отворената врата на ЕУ за Украина и онака вее само студен ветер од Кремљ и ги смрзнува домашните. Нема подобар показател за тоа колку многу страдаше самопочитта на ЕУ во пристапот кон украинската влада како што е тоа последната посета на првиот дипломат на ЕУ Кетрин Ештон на Киев. Додека Ештон беше во главниот украински град и се обидуваше да посредува меѓу Владата и опозицијата, безбедносните сили применија насилство против демонстрантите. Ештон во својата изјава рече само дека е „тажна“ што милицијата „растерува мирни луѓе“. И на украинската влада мудро и‘ порача: „Дијалогот и размената на аргументи во секој случај се подобри од аргументите на насилство“. Ваквата изјава на Ештон беше дадена откако веќе почна полициската акција, а таа потоа остана уште и на натамошен разговор со Јанукович.

Слично несоодветно реагираше и еврокомесарот Штефан Филе во ноември, кога Јанукович соопшти дека нема да биде потпишан Договорот за асоцијација. Уште истиот ден еврокомесарот се качи во авион за Киев за да го предомисли Јанукович. Прво ЕУ едноставно не сака да прифати дека овој претседател „и‘ дава корпа“, а потоа високата претставничка за надворешни работи наоѓа само бледи зборови на жалење кога Владата, уште за време на нејзиниот престој во Киев, презема насилни мерки против демонстрантите. Се чини дека Јанукович може практично да си дозволи се‘ во односот кон Европската комисија. Со тоа не само што ЕУ на Јанукович му сигнализира дека го прифаќа неговиот „цик-цак“ курс меѓу Москва и Брисел, туку тоа претставува и потсмев со опозицијата.

Јанукович перфектно ја игра играта

Украинската влада во меѓувреме перфектно ја владее играта со ЕУ. Јанукович го замрзна договорот, а потоа добро расположен се сретна со шефовите на држави или влади во Вилнус и им даде нови надежи. Вели дека сака поврзување со Западот, но Брисел за тоа би требало да му ги покрие загубите од тргувањето со Русија. Според официјалните толкувања, демонстрантите на Мајдан следат иста цел како Владата - приближување кон европските структури, така барем тоа го претстави украинскиот амбасадор во НАТО Игор Долгов. Само што опозицијата тоа се‘ уште не го забележала. Во меѓувреме, продолжува натегањето околу парите. Премиерот Микола Азаров наведе износ од 20 милијарди евра за кој неговата влада би била подготвена да потпише Договор за асоцијација со ЕУ. Човек треба да си претстави како би вреснал Брисел ако, на пример, некоја земја од Западниот Балкан постави такви барања за да се приближи кон ЕУ. Сега Ештон, по повеќе средби со Јанукович, повторно вели дека Претседателот има намера да потпише. Со тоа повторно му оди на рака.

Porträt Christoph Hasselbach DW Studio Brüssel
Кристоф Хаселбах, автор на коментаротФотографија: DW

Изнуда на одлука

Се разбира дека Украина е важна за ЕУ, не само поради својата големина и стратешко значење за целиот регион, туку и како урнек за останатите поранешни советски републики. Но зависноста од другата страна е далеку поголема. И се работи и за принцип - ЕУ не може веќе да дозволува Јанукович да ја води за нос. Таа одамна ги постави своите услови. Тука ништо не треба да се менува. Ако украинската влада не сака да го исполнува тоа, тогаш ЕУ треба да ја затвори својата врата, барем засега. Само така Јанукович ќе биде принуден да се одлучи, нешто што досега го избегнуваше и што благодарение на европската попустливост и му успеваше. Колку за него навистина е атрактивна Москва, ќе се покаже. Повеќе е за очекување дека понизно ќе тропне на Бриселска врата, ако воопшто политички ги преживее протестите.