1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случајот: Бен Џонсон

21 јули 2008

Најголемиот допинг скандал на ОИ се случи во 1988 година во јужнокорејскиот град Сеул. За првпат во историјата еден олимписки победник беше раобличен дека земал допинг-средства.

https://p.dw.com/p/Eg7N
Бен Џонсон на Олимпијадата во СеулФотографија: AP

Допинг - со голема редовност овој лош збор за недозволено зголемување на спортските можности, на гледачите и фановите им ја одзема илузијата за чист и фер спорт. Првиот смртен случај од допинг на Олимписките игри беше забележан во Рим во 1960 година, кога данскиот велосипедист Кнут Енгемарк Јенсен, падна од велосипедот и се здоби со смртоносни повреди на главата. Тој пред трката земал стимулативно сретство и на големата горештина доживеа колапс. Меѓутоа најголемиот допинг-скандал во историјата на Олимпијадите се случи 28 години подоцна...

Славењето на новиот спринтерски суперстар траеше само 60 часа

Сабота, 24 септември 1988 година: 26 годишниот Канаѓанец, Бен Џонсон победува во олимпиското финале во трчање на 100 метри во Сеул и притоа поставува неверојатен светски рекорд од 9 секунди и 79 стотинки. Љубителите на спортот и стручњаците се воодушевени. Медиумите го слават новиот спринтерски суперстар. На бранителот на титулата, Американецот Карл Луис му преостана само второто место и честитки при церемонијата на доделување медали. Меѓутоа, само 60 часа подоцна следуваше шок. Меѓународниот олимписки комитет во вторникот наутро објави: „Допинг-тестот на Џонсон е позитивен“. Во неговата урина било пронајдено забранетото анаболично сретство Станазолол за зголемување на мускулната маса.

Денес 55 годишниот поранешен фрлач на диск Ролф Данеберг од Хамбург, кој тогаш во Сеул освои бронза се присетува: „Тогаш секој ден ги имаше тие олимписки вести, значи еден вид вонреден весник за учесниците на Олимпијадата и таму можеше да се прочита тоа. Верувам дека таму никој не можеше ни да си претстави како некој кој точно знаел дека во олимпиското финале на допинг тест мораат да одат најмалку првите тројца м можел да зема такви супстанции, за кои точно знаел дека можат да бидат откриени во секое време.“

Никој не беше чист, но другите беа попаметни од Џонсон

Како последица Џонсон кој инаку е роден во Јамајка мораше да го врати својот златен медал, му беше поиштен светскиот рекорд а дополнително му беше одземен и златниот медал од светското првенство во Рим во 1987 година и доби две годишна суспензија.

Тој меѓутоа сметаше дека е неправедно третиран. Иако една година подоцна призна дека се допингувал уште од почетокот на 80-те години, за скандалот во Сеул тој до денес не сака да ја признае одговорноста. Канаѓанецот и неговиот менаџер ја префрлаат вината на непознато лице кое наводно го смешало допинг-сретството во шишето за вода на спринтерот.

Carl Lewis
Американска супер ѕвезда Карл ЛуисФотографија: dpa

За такви изговори нема разбирање не само Ролф Данеберг: „Кога некој ќе си дозволи да биде откриен, и пред се’ со нешто, што во секој момент може да се пронајде, тоа е веќе малку глупаво. И погледнато од агол на она што денес се знае, и Карл Луис не беше сосема чист. Поради тоа и јас би се воздржал да кажам дека беше само Бен Џонсон. Значи верувам дека тогаш на патеката, сите имале земено нешто. Но другите беа попаметни од Бен Џонсон.“

Допингот-луксуз кој може да си го дозволат само оние на врвот

Како последица на допинг скандалите на почетокот на 90-те, редовните и ненајавени контроли за време на тренингот станаа стандардна процедура, а контролите на натпреварите беа натамошно подобрени. Но и покрај тоа очигледно и натаму продолжува допингувањето.

Меѓу 2000 и 2004-та година беа откриени допинг сретства кај девет кревачи на тегови. Пред почетокот на игрите во Атина за возбудувања се погрижија двајцата грчки спринтери Костас Кентерис и Екатерини Тану, откако одбегнаа допинг контрола и потоа се откажаа од учество на Олимпијадата. Минатиот окромври конечно американската спринтерка Мерион Џонс ги врати назад нејзините пет медали освоени на Олимпијадата во Сиднеј.

Ролф Данеберг меѓутоа верува дека во Пекинг нема да има нов допинг-скандал „Сосема едноставно, зашто луѓето од афери како онаа со Бен Џонсон научија нешто во последниве 20 години и станаа посуптилни. Тоа е прашање на финансиите, зашто ако не сакам да бидам упадлив, морам да дадам соодветен износ пари, како што се гледа кај луѓето кои земаат унапредени средства, кои едноставно се поскапи. Тоа би можеле да си дозволат само атлетичарите, кои се на врвот, кои заработуваат доволно пари.“

Бен Џонсон со неговиот допинг-скандал прокоцка голема кариера и богатство. По 1988 година тој повеќе никогаш не се врати вистински на патеката . Во 1992 година на Олимпијадата во Барселона тој испадна во полуфиналната трка на 100 метри. Во 1993 година повторно беше откриен дека користи допинг и овојпат беше доживотно суспендиран.