1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија (не) е Кипар

Франк Хофман/ Жана Ацеска3 мај 2013

Аленка Братушек е првата жена-премиер во Словенија, земја која во последните недели се смета за следниот Кипар. Но, во интервју за Дојче веле таа исклучува барање помош од Фондот за спас на еврото.

https://p.dw.com/p/18QdR
Фотографија: Jure Makovec/AFP/Getty Images

ДВ: Словенија долго време важеше за ученик за пример во источноевропското проширување на ЕУ. Сега буди впечаток на „црна овца“-како можеше да дојде дотаму?

Аленка Братушек: Не мислам дека Словенија е „црна овца“. Навистина, во моментов сме во тешка ситуација, но занеме точно што треба да се направи. Постојат два клучни проекти чија примена ја планираме за оваа и следните години: опоравување на нашето стопанство и консолидирање на финансиите. Најважно притоа ни е опоравувањето на нашиот банкарски систем, за банките да можат повторно да го кредитираат стопанството.

ДВ: Сакате да го стабилизирате буџетот и преку приватизации. Како тоа би се одвивало во овие критични прилики на пазарот? Белгиската КБЦ банка неодамна ги отфрли своите удели во Вашата полудржавна НЛБ банка (Новата љубљанска банка) незадоволна од таа инвестиција?

Братушек: НЛБ е посебен случај. Одлуката за повлекување на КБЦ се должи на нејзините сопствени проблеми. Банката доби државна помош во Белгија и мораше да се откаже од некои свои инвестиции. Верувам, ако некои од нашите банки закрепнат, ќе бидат уште поинтересни за странските инвеститори. Повеќепати повторив, независно од развојот на настаните, наскоро ќе биде дадена на продажба една од банките која делумно е во државна сопственост.

ДВ: Имате намера да создадете банка за несигурни хартии од вредност (бед банк), а истовремено наскоро ќе морате да ги рефинансирате државните обврзници во вредност од седум милијарди евра. Како ќе го постигнете тоа?

Братушек: „Т.н. Бед банка е веќе основана и работи. Сметаме дека наскоро ќе преработиме дел од трулите кредити на нашите банки. Пред две недели бевме во можност да пласираме обврзици од 1,1 милијарди евра, а тоа не е малку. Така добивме во време, па ќе можеме на мир да пласираме и нови државни обврзници. Сигурна сум дека ќе успееме во тоа.

ДВ: Зошто сте толку убедени дека Словенија нема да биде следниот Кипар?

Братушек: Мора да биде јасно, постои голема разлика меѓу словенечките и кипарските банки. Словенечкиот банкарски систем е многу помал, а Словенија не е даночна оаза и има извозно ориентирано стопанство.

ДВ: Фактичката сила на словенечкото стопанство е во многуте претпријатија со средна големина. Но токму тие страдаат најмногу поради нездравиот банкарски систем и блокадата на кредитите, како ќе се справите со овој проблем?

Братушек: Преку рекапитализација на нашиот банкарски систем. Тоа е најважниот приоритет за нас и е постојано на нашата агенда. Мораме да ги одблокираме кредитите, за да им помогнеме на средните претпријатија. Тие се моторот и водечката сила на словенечкото стопанство и мораат да имаат пристап кон кредити.

ДВ: Не би било поедноставно да се прими помош од Европскиот чадор за спас на еврото?

Братушек: Не. Јас сум убедена, дека на Европа и на финансиските пазари можеме да им ја докажеме способноста сами да си ги решиме нашите проблеми. Уверена сум дека тоа е подобриот пат за сите, за луѓето и за економијата. Подобро е овој пат да се изоди со сопствени сили, без ЕУ-Тројката.