1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенечката политика во борбата против кризата игра на време

Рајна Бројер/ Симе Недевски11 мај 2013

Тројката како последен излез? За тоа словенечката влада не сака ни да чуе. Таа е решена во намерата да го спречи слободниот пад на економијата. Но времето е се’ пократко, а незадоволството на граѓаните се’ поголемо.

https://p.dw.com/p/18W8X
Фотографија: Jure Makovec/AFP/Getty Images

Словенечкото стопанство последните неколку години по ред бележи пад, невработеноста од 2008 година наваму е удвоена, на големите банки им се заканува колапс. Словенија се најде во целосно нова ситуација, со оглед дека оваа земја долго важеше за примерен ученик меѓу новите членки на ЕУ.

Анеј Корсика е еден од организаторите на масовните протести, кои доведоа до падот на конзервативната влада на Јанез Јанша. Владината политика за штедење, како и корупциските афери, само повеќе ги налутија луѓето, вели Корсика. Сепак, 28-годишниот Словенец, кој е на докторски студии, не е сосема задоволен со промената на врвот: „Аленка Братушек не би ги исмејувала луѓето кои протестираат, како што тоа го правеше нејзиниот претходник. Но и таа ја продолжи неговата политика. Платите ќе бидат уште повеќе намалени, процесот на приватизација продолжува. Но таа сето тоа го прави нешто побавно од Јанша. Затоа и ситуацијата малку се потсмири.“

Anej Korsika Initiative Demokratischer Sozialismus in Slowenien
Анеј Корсика (прв од десно)Фотографија: privat

Мерки на штедење

Владата на Аленка Братушек се справува со кризата со остри мерки на штедење. Од 1. јули е планирано зголемување на данокот на додадена вредност од 20 на 22 проценти. Планирано е и намалување на трошоците за 500 милиони евра. Тоа значи дека ќе бидат намалени платите во јавниот сектор. Ако тоа не се спроведе, наредната година ќе биде воведен „кризен данок“ на одредено време, на сите приходи, изјави Братушек .

Проблемите во земјата започнале со поволните кредити. Словенечките компании, по влезот на земјата во ЕУ, многу се задолжиле, вели Хермине Видовиќ, стручњак за Словенија на Виенскиот институт за споредување на меѓународни економии. Во текот на кризата еден дел од од тие фирми не можел да ги врати долговите. И така се создале ненаплатливи кредити, објаснува Видовиќ. Покрај тоа, банките и многу големи компании останале во државна сопственост. Законот за приватизација е формулиран на начин кој ги уплашил странските инвеститори, вели Видиќ.

Изненадувачки пресврт

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската комисија пред неколку недели ја повикаа Словенија на спроведување реформи, а рејтинг агенцијата Мудис ја намали оценката за кредитоспособноста на земјата на ниво на „ѓубре“. По сето ова многумина сметаа дека и Словенија мора да се засолни под европскиот чадор за спас од кризата.

Nova Ljubljanska Banka Slowenien Archivbild 31.01.2013
Фотографија: Jure Makovec/AFP/Getty Images

Но тогаш дојде и олеснувањето. На 3 мај на Словенија и‘ појде од рака на меѓународниот финансиски пазар успешно да пласира обврзници со рок на исплата од 5 и 10 години, со што си обезбеди околу 3,5 милијарди американски долари свеж капитал. Тоа го зајакна финансискиот систем, но и самодовербата на владата во Љубљана.

Сепак, економскиот експерт Хермине Видовиќ вели: „ Оваа година Словенија не би требало да стигне под европскиот чадор. Тоа значи дека Словенија доби на време. Но со тоа реформите би можеле да бидат забавени. И така опасноста за стигнувањето под чадорот за спас на ЕУ е само одложена.“