1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободно пушење марихуана во Колорадо

АТ/ дпа/ ртре1 јануари 2014

Мала револуција во Соединетите Американски Држави - за првпат во историјата на земјата во една сојузна држава марихуаната слободно може да се купува. Критичарите предупредуваат од опасностите за младите.

https://p.dw.com/p/1Ak57
Фотографија: Getty Images/Afp/Pablo Porciuncula

Во американската сојузна држава Колорадо поминаа времињата на нелегална продажба на марихуана во темните улички - од почетокот на годинава граѓаните постари од 21 година смеат легално да купуваат канабис во продавница. Досега тоа беше можно само од медицински причини. Жителите на Колорадо смеат да добијат на едно купување една унца (28 грама) „тревка“, додека „туристите“ од другите сојузни држави мораат да се задоволат со една четвртина унца.

Канабис-активистите, кои во Денвер и во другите градови сега сакаат да слават „марихуана забави“, слободното купување го споредија со крајот на прохибицијата, кога во САД во 1920-те и почетокот на 30-те години на минатиот век беше забрането производство и продажба на алкохол. Сојузната држава Вашингтон во текот на годинава ќе го следи примерот на Колорадо. Во двете сојзуни држави граѓаните се изјаснија на референдум за легализација на дрогата.

Набљудувачите сметаат дека и други сојузни држави, како на пример Калифорнија, исто така наскоро ќе дозволат слободна продажба на марихуана. На сојузно ниво марихуаната и натаму е нелегална. Министерството за правда меѓутоа не сака да се меша, сѐ додека сојузните држави ги спроведуваат законите и спречуваат криминалци да ја контролираат легалната трговија со канабис. Во моментов во САД годишно се приведуваат околу 750.000 лица поради казнени дела поврзани со марихуана.

Cannabis Pflanze Marihuana
Влијае врз централниот нервен систем на луѓето: состојката на канабисот тетрахидроканабинол (THC)Фотографија: Fotolia/Unclesam

Анкетите покажуваат дека значително мнозинство од Американците се залагаат за легализација на канабисот. Напротив, критичарите сметаат дека младите луѓе на тој начин можат да добијат погрешен впечаток. Ако се зборува за марихуаната „како да е безопасна супстанција, која нема лоши дејства, тогаш им правиме лоша услуга на младите луѓе“, изјави шефот на американските контроли власти за борба против дроги Џил Керликовске.

Во декември мината година јужноамериканската држава Уругвај стана првата земја во светот која го легализираше одгледувањето и продажбата на марихуана. Тамошниот закон во сила треба да стапи во април 2014 година.