Слобода на печат: Македонија падна на 94 место
25 јануари 2012Ако се направи споредба со земјите во регионот, Македонија е полошо рангирана од Босна и Херцеговина (58-мо место), Хрватска (68-мо место), Србија (80-то место) и Косово (86-то место), а е малку подобра од Албанија (96-то место) и Црна Гора (107-мо место). Членките на ЕУ, Бугарија и Грција, исто така не сјаат на ранг-листата за слободата на печатот во светот. Грција е 70-та, додека Бугарија е десет места подолу - на 80-то.
На листата за индексот на слобода на печатот која опфаќа 179 земји, Германија е на 16-та позиција, односно, во споредба со лани едно место подолу. Најлошо рангирани се Еритреја, Северна Кореја и Туркменистан. На дното на табелата на „Репортери без граници“ се и Сирија, Иран и Кина. Врвот на листата, пак, е резрвиран за Скандинавските земји - Финска и Норвешка на прво и второ место. Првпат во историјата, меѓу првите 20 земји според слободата на печатот има и две африкански - Република Зелен ’Рт на 9-то место и Намибија на 20-то.
„Репортери без граници“ направи споредба на ситуацијата со медиумите во временскиот период меѓу декември 2010-та и ноември 2011-та. Во многу земји, според наводи на организацијата, во 2011-та година биле уапсени значително повеќе новинари во споредба со претходните години, а тежиште на насилството беа уличните борби во арапските земји. Властите се‘ повеќе ги ставаат под лупа и блогерите. САД на листата годинава забележаа пад од 27 места и се наоѓаат на 47-ма позиција. Организацијата како причина за ваквото рангирање го наведува спречувањето на известување за движењето „Окупирај“ од страна на полицијата.
„Репортери без граници“ е основана во 1985-та година и има 120 дописници ширум светот. Се залага за слобода на мислење и на печат, истражува и документира кршења на човековите права и им дава поддршка на прогонувани новинари и медиуми. Таа е меѓународно призната невладина организација и има статус на советник на Советот на Европа, Советот за човекови права на ОН и на УНЕСКО.
Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска / www.rsf.org/ дпа/дапд
Редактор: Александра Трајковска