1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слики на ужас

15 јануари 2010

По тешкиот земјотрес во Хаити состојбата и натаму е хаотична, и покрај фактот што започна да пристигнува странска помош. Потресот не го опустоши само главниот град Порт-о-Пренс.

https://p.dw.com/p/LWGN
Фотографија: AP

Според се‘ изгледа дека се погодени и градови кои се наоѓале на поголема оддалеченост од епицентарот на земјотресот. Црвениот крст излезе со проценка дека бројот на загинатите во земјотресот е меѓу 40 и 50 илјади. Црвениот крст соопшти дека проценките за можниот број на загинати во катастрофалниот земјотрес ги направила владата на Хаити. Се верува дека бројката од 40 до 50 илјади загинати би можела да се покаже како точна, со оглед на размерите на катастрофата. Три милиони луѓе, или една третина од популацијата на Хаити, се директно погодени од последиците на потресот, соопшти хуманитарната организација. Голем број од нив се повредени или останале без своите домови.

Помошта доаѓа бавно

Кај луѓето во главниот град Порт-о-Пренс расте гневот поради бавното доставување на хуманитарната помош.

Haiti / Erdbeben / Port-au-Prince / G3
Порт-о-Пренс во прав и урнатиниФотографија: AP

„Таму нема ништо, нема помош, нема болница, нема струја. Немаме што да јадеме, а нема ни вода. Премногу луѓе умираат тука.“

Добра вест е што мерките за помош на меѓународната заедница добиваат во интензитет. До четвртокот на аеродромот во Порт-о-Пренс слетаа околу 60 авиони со хуманитарна помош од целиот свет. Но, поради преоптовареноста на едната писта на аеродромот, но и хаотичните услови кои владеат во Хаити и особено во Порт-о-Пренс, помошта не пристигнува во посакуваните размери и брзина.

Американски носач на авиони во близина на Хаити

САД, во меѓувреме, презедоа водечка улога во напорите на меѓународната заедница за доставување помош за жртвите од земјотресот. Војници и бродови на американската крајбрежна стража веќе пристигнаа во карипската држава.

Haiti / Erdbeben / Mexiko
Црвениот крст проценува дека има 40-50 илјади загинатиФотографија: AP

Денеска се очекува во близина на Хаити да пристигне и американски носач на авиони, преку кој со десетици хеликоптери ќе биде доставувана помош за настраданите. Претседателот Барак Обама како итна помош стави на располагање 100 милиони долари и ги замоли неговите претходници на функцијата, Џорџ Буш помладиот и Бил Клинтон да го координираат доставувањето на помошта.

Луѓето можат да се потпрат на Европа

И министрите за развојна помош на земјите членки на ЕУ во Брисел во понеделник ќе разговараат за зголемувањето на помошта за Хаити и за поддршката за обновата на земјата. Тим од експерти на ЕУ веќе се наоѓа на лице место за да ги утврди натамошните потреби на настраданите. Европејците се длабоко потресени од случувањата на Хаити, порача Кетрин Ештон, координаторката на европската надворешна политика:

Haiti / Erdbeben / Port-au-Prince
Спасувач од Шпанија со дете извлечено од урнатинитеФотографија: AP

„Сликите од разурнувања и страдања длабоко не‘ погодија сите нас. И можам за себе да кажам дека ќе сторам се` што можам овие чувства да ги претворам во акција. Важно е да им се каже на луѓето на Хаити дека сме подготвени да им помогнеме колку што можеме. Тие можат да се потпрат на Европа.“

Автор: СН/ТТ/дв/ртре

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска