1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сликарски патриотизам како восхит од земјата

11 ноември 2010

Глигор Чемерски е бард на современото македонско сликарство. Тој е еден од најпретставуваните македонски академски сликари низ светските галерии. Во Скопје е отворена негова ретроспективна изложба.

https://p.dw.com/p/PnQK
Глигор ЧемерскиФотографија: Petr Stojanovski

По пет децении творештво, ретроспективната изложба на Глигор Чемерски е отворена истовремено во две галерии - Даут-пашин амам и Чифте-амам во Старата скопска чаршија, што е еден од ретките обиди на Музејот за современа уметност да се презентира ликовната уметност на еден од врвните македонски мајстори на модернизмот.

Чемерски е сликар, графичар, мозаичар, од минијатури до големи платна и мозаици. Тој е еден од најпретставуваните македонски академски сликари низ светските галерии.

„Практично го собрав целото мое сликарство, излезе само од себе, ова е патриотизам на еден уметник кој го впил и пејзажот и културата преку својата кожа. Модернитетот на сликарството кое го практикувам е во интензитетот на создавањето“, ги објаснува мотивите за својата уметничка инспирација-типтих под наслов „Македонија - света земја“ и „Македонија - земја памети“.

Овој мозик, на две спротивни страни, ги исполнува високите ѕидови на предворјето од претседателската вила во која шефот на државата, Ѓорге Иванов, ги организира средбите со странските државници. Тоа е живописен од низ историјата на македонските простори, над кој доминира сонцето и колажи од антика до денес.

„Овој тип на мој патриотизам нема никаква декларативна, политичка или идеолошка заднина, туку е тоа еден восхит од земјата, од светлината, миленумската култура наследена на овие простори. Кога сега од дистанца го гледам мозаикот во претседателската вила, опседнат сум со светлината и топлината на колоритот, но и со големата приказна што ја препознавам како наша, македонска“, вели Глигор Чемерски.

Gligor Cemerski
Фотографија: Petr Stojanovski

Тој е познат по неколкуте големи мозаици и монументи. Едно од најголемите насликани платна во македонската модерна уметност е поставено во МАНУ.

Сликарството е унивезрална пропусница

Чемерски досега сликал и изложувал во САД, Франција, Германија, Австрија и Србија.

„Тогаш можеш да кажеш дека секаде сум свој, секаде сум во сликарството. Сликарството е мојата најбрза прпусница во светот на пријателствата“, вели Глигор Чемерски.

Ретроспективната изложба на неговото 5 децениско творештво опфаќа околу 250 платна,, што е десет насто од неговиот вкупен опус. Но, тој не е само сликар, туку телевизиски бележител на македонското иконостаство.

„Со ТВ серијата „Закопана мистрија“ профитирав бидејки снимањето на 32 емисии за средновековното сликарство во македонските православни храмови за мене беше уживање, зашто допревме до длабочините на боите и ликовите на познати и непознати дејци.“

Чемерски не‘ дочека во белата аула на Даут пашиниот амам, додека неговата постановка ја разгледуваа идните сликари од Факултетот за уметност.

Како јавна личност и остар полемичар и рецензент тој знае да се соочи со различните естетски и културни појави, што се теми и за политички конфронтации. По малку резигнирано говори за интелектуалниот молк во овие години на спротивставени концепти на архитектонско-уметнички зафати.

„Идејата на неспокојство и несигурност во естетиката поминува во губење на критериуми, произволности, кич“, оценува Глигор Чемерски. Тој знае да рече дека на патот кон создавањето, од родното Кавадарци, па Скопје или Белград, Париз или Њујорк, секогаш кај него, но и кај секој од македонското поднебје, има по еден скриен Св.Ѓорги или овчар од Стоби, стариот антички архиелошки локалитет крај автопатот кон Грција.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска