1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Славистиката не е мртва

26 мај 2009

Виена беше домаќин на Собирот на млади слависти под името „Slavistik is not death“. Целта на организаторите беше да се поврзат студентите од Балканот, односно да се подигне угледот на оваа филолошка гранка.

https://p.dw.com/p/HxSx
Фотографија: DW / Emir Numanovic

Основната цел на собирот во Виена беше да се поврзат студентите по славистика од цела Европа. Ним им се даде можност да презентираат книжевни и научни дела и да разменат идеи, како и да створат контакти за нови заеднички проекти. На овој начин секако би се придонело и за подобрување на угледот на славистиката како филолошка гранка, која последните години е во очигледна криза - објаснува Мелиса Слипац. Слипац е претставник на здружението „Лајн ин“, кое неодамна, во Виена, организираше тридневен собир на студентите по славистика под името „Славистиката не е мртва“. Студиите по славистика се третираат како попатни, вели Мелиса, и секогаш се први на листата кога се „кратат“ програми на универзитетите, поради финансиска криза.

„Во Германија се зборуваше дури и за укинување на поединечни институти. Во Виена на пример, годинава, се укинати 20 предавања поради финансиската криза. Сакавме да покажеме дека има луѓе кои се интересираат за славистика и на повисоко ниво, не само на ниво ’да го научам јазикот, поради тоа што ќе ми треба кога ќе одам на море во Хрватска’, туку да постои и вистински интерес кај студентите за академска анализа на јазикот, културата и литературата. Освен тоа, наша цел е и да се подигне мотивацијата на студентите, и да им се понудат некои можности да се презентираат“, објаснува Мелиса.

Анализи на меѓучовечките односи и балканските стереотипи

Studenten der Slavistik in Wien
Студентите по славистика во ВиенаФотографија: DW / Emir Numanovic

На собирот во Виена присуствуваа 30 студенти и пет писатели од девет земји. Делата кои ги презентираа во просториите на Институтот за славистика беа поделени во три тематски групи: културолошки, лингвистички и книжевни. Така на пример Мирјана Веселиновиќ од Нови Сад се обиде да направи споредба на односите на народите во Босна и Херцеговина некогаш и денес, врз основа на четири кратки приказни од Иво Андриќ. Резултатот на анализата не е изненадувачки, вели Маријана. Според неа, и понатаму постојат тие верски разлики кои толку ги делат народите и кои влијаат на тоа меѓучовечките односи во Босна, Србија, а веројатно и на целиот Балкан, да се на мошне ниско ниво. Надија Реброња, асистент на отсекот за босански и српски јазик и книжевност на Државниот универзитет во Нови Пазар ги анализираше стереотипите на балканските патописци кон „царските градови Рим и Истанбул“. За тоа и послужија патописите на Антун Густав Матош и Милош Црњански.

На собирот во Виена се анализирани и стереотипите на Западот кон Балканот, како и неговиот „комплексен идентитет“. Групата студенти од Хрватска направија социо-лингвистичка анализа на „женскиот и машкиот“ јазик, т.е. „разликите во изразувањето меѓу половите“. Дарио Брентин пак, студент од Австрија, презентираше труд на тема „употреба и злоупотреба на историски митови во процесот на југословенската дезинтеграција“.

Заедничка култура, а не пансловенска идеја

Австриското Министерство за уметност и култура, градот Виена, Полскиот институт, Амбасадата на Република Босна и Херцеговина и Амбасадата на Република Србија во Австрија му помогнаа на здружението „Лајн ин“ при организацијата на Собирот во Виена. Здружението воедно работи и на поврзување на студентските и невладините организации во Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.

Minister Neven Kulenovic und Melisa Slipac
Невен Куленовиќ и Мелиса СлипацФотографија: DW / Emir Numanovic

Во официјалната најава за настанот, организаторите наведоа дека со ова дружење сакаат да промовираат „заедничка словенска култура и јазично наследство“, но не и „пансловенска идеја“ – идеја од почетокот на 19-ти век, чија цел била културно, религиозно и политичко единство на сите словенски народи. „Сакаме да промовираме култура и комуникација. Сакаме луѓето едноставно да се соберат, да разменуваат идеи, да се дружат! Секако, на крајот на краиштата и тоа е поврзано со политика. Немаме политчки цели во таа ниска смисла, но во поширока смисла, секако, културата е поврзана со политиката“, вели Мелиса Слипац.

Министер - советникот на амбасадата на Босна и Херцеговина во Австрија, Невен Куленовиќ, смета дека во ваквите случувања не треба да се бараат политички пораки – нештата кои не’ поврзуваат се многу поважни од нештата кои не‘ раздвојуваат. „Да бидеме реални, подрачјето на поранешна Југославија, генерално гледано, е подрачје, ако не на иста, тогаш на слична култура. Сите знаеме дека лесно можеме да читаме писатели, барем ние од поранешна Југославија, без обѕир на тоа, од кои држави сега доаѓаат. Тоа е добро и така треба да биде, бидејќи не значи дека сега има некоја политичка позадина за некое повторно спојување, туку дека едноставно што повеќе луѓе може да читаат што повеќе книжевни дела, како што е исто добро кога луѓето зборуваат странски јазици, па можат да читаат и на тие јазици“, вели Куленовиќ.

Собирот во Виена наиде на одѕив и во австрискиот печат, па така организаторите се надеваат дека тоа ќе се одрази и на поправање на условите за работа на Институтот за славистика, како за студентите, така и за наставниот кадар.


Автор: Емир Нумановиќ / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска