1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Скопје Ремикс“: Визуелен ремикс на душата на Скопје

Сузана Тодоровска-Павлоска29 март 2012

Пред премиерата на новиот македонски филм „Скопје Ремикс“-разговор со Борјан Зафировски, продуцент и режисер

https://p.dw.com/p/14UGW
Фотографија: DW

„Не е толку важно што се гради на градскиот плоштад, туку важно е што се гради во нашите души, што се пишува во нашите книги, што се снима во филмовите и какви песни се пишуваат. Тоа е идејата на овој филм“, вели во разговорот за Дојче Веле, Борјан Зафировски, продуцент и режисер на еден од филмовите од омнибусот „Скопје Ремикс“.

„Скопје Ремикс“ го сочинуваат девет љубовни приказни, режисерски обликувани од 10 автори кои им припаѓаат на три блиски генерации од Факултетот за драмски уметности, но и доста слични по авторскиот израз, сензибилитет и музички вкус. Борјан Зафировски, Даријан Пејовски, Огнен Димитровски, Срѓан Јаниќијевиќ, Ѓорче Ставрески, Саша Станишиќ, Вардан Тозија, Синиша Евтимов, Јане Алтипармаков и Бојан Трифуновски ја сочинуваат режисерската екипа која го потпишува овој музичко- филмски омнибус посветен на градот Скопје. Но, секој од нив со својата лична и авторска енергија, автентичност и со шмекот на урбаното Скопје- на асфалтот, но и во неговата душа.

„Скопје Ремикс“ се занимава со сегашноста и иднината,а не со минатото

Овој проект претставува своевиден омаж на македонската урбана, андерграунд уметничка сцена која созрева во последните 2-3 децении , „но чии квалитети и вредности се во сенка на постојната на која доминира кичот“, објаснува Борјан Зафировски.

„Филмот функционира на повеќе нивоа- секој автор го гледа, доживува и живее градот низ својата призма. Сакавме да ги претставиме личните визии- како кога на една музичка тема се прави музички ремикс, така и овие филмски режисери направија еден визуелен ремикс на градот- од нивното доживување на градот до аспекти кога режисерите го прикажуваат Скопје какво што би сакале да биде, а не какво што е. Основната идеја беше да ја опфатиме уметноста на 21 век создадена во Скопје и Македонија. Проектот собра на едно место голем број уметници- музичари , сликари, скулптори кои одговорија на конкурсот „Скопје и македонската уметност во 21 век“ што го објави продукцијата „Ново македонско видео“. Сигурно ќе ни бидат потребни уште три вакви филма за да ги сместиме сите оние кои ги сакаме и почитуваме“, вели Зафировски.

Panoramablick über Skopje Flash-Galerie
Панорама на СкопјеФотографија: Dalibor Stajikj

„Го градиме овој град со љубов и рокенрол“!

Вклучени се повеќе од 100 уметници од разни области на уметноста, кои во филмот учествуваат со своите скулптури, слики и инсталации.

Музиката и музичката сцена што во последно време е во подем ќе биде неразделен дел од овој омнибус- филм и ќе му даде посебен печат, а учествуваат Александар Пејовски, Сашко Костов, Горан Атанасовски – Роботек, „Мугер Фугер“, Огнен Анастасовски („Беи д фиш“), Поган Паган, ПМГ Колектив и др.

„Ова е една голема сцена која заслужува поголемо внимание. Мојата идеја не е да се бориме против кичот туку очекувам со овој филм да наметнеме некаков квалитет. Жално е што во време кога повеќето се нарекуваат себеси „патриоти“- да не знаат за една огромна музичка сцена. Таа е на пикот на своето постоење во последните 20-30 години. Идејата беше овие музички групи да испливаат на површина. Не се работи само за вкусот кај публиката. Вкусот кај публиката се гради, а ние уметниците сме тие кои треба тоа да го направиме “, потенцира Зафировски.

„Скопје Ремикс“ сака да ја разбуди душата на Скопје

Играниот филм „Скопје Ремикс“ е гломазен проект , со интересна структура, продукциски и естетски доста сложен, но и голем предизвик- како девет различни визии да се вклопат во една приказна.

„Првата идеја беше да се направи продукциски „чист“ филм кој би изгледал како еден игран филм со иста естетика, а тоа може да се направи со еден директор на фотографија кој ќе ги сними сите филмови или еден продукциски дизајнер кој ќе ги контролира сите естетики. На тој начин би ја загубиле автентичноста на секој од авторите, но и автентичноста на градот затоа што Скопје не би можело да се претстави во едно светло, во една фотографија или во едно расположение. Мислам дека другите не нè помнат толку по скопската архитектура колку по духот и културата“, објаснува продуцентот и режисер Зафировски и не оспорува дека филмот не може да „избега“ од актуелниот културно- политички контекст.

Borjan Zafirovski Regisseur und Produzent aus Mazedonien
Борјан Зафировски, режисер и продуцентФотографија: DW

Тој смета дека овој филм ќе биде пресвртница во создавањето на урбаните филмови во домашната кинематографија.

Екипа...премиера...фестивали...

„Скопје Ремикс“ е македонско-српска копродукција со буџет од 350 илјади евра која вклучува најголема поддршка од Филмскиот фонд на Македонија, од кои и 50 илјади евра од Филмскиот центар на Србија.

Актерската екипа во филмот ја сочинуваат Милан Тоциновски, Софија Куновска, Јовица Михајловски, Дејан Лилиќ, Кирил Коруновски, Нина Гачиќ, Оливер Митковски, Ана Стојановска, Александар Микиќ, Јана Стојановска, Камка Тоциновски и други.

Премиерата е најавена за 30 март во киното „Милениум“, а потоа и низ Македонија- таму каде што можат да се создадат услови за прикажување. Приоритет на продуцентот е филмот најпрво да се појави пред скопската публика – на која и е наменет, а потоа и премиера во Србија и учество на фестивали на долгометражни филмови. „Замислен е како омнибус и како таков ќе го живее својот фестивалски живот“, велат во „Ново македонско видео“.

Филмот трае 140 минути , што е и забелешка од Филмскиот фонд. Директорот на Филмскиот фонд Дарко Башески ни изјави дека сеуште во моментов не ја погледал финалната верзија на филмот, но смета дека е предолга за учество на филмски фестивали.

„Филмот требаше да се појави минатата година ова време. Но, снимањето на последниот дел од филмот заврши во октомври, што не беше добро за авторите кои своите филмови ги завршија уште во 2009 год. Секој автор од омнибусот може да учествува на филмските фестивали со својот филм, но ќе настојуваме да земе учество и како целина “, изјави Башески.

Некои од кратките филмови од овој омнибус беа прикажани и на маркетот на минатогодишниот Кански филмски фестивал.